ЗАТВОРЕНИКОТ КОЈ НАПЛАТИЛ 4.000 ЕВРА ОД КОМАНДИРИ ВО „ИДРИЗОВО“ ЗА ДА ИМ НАЈДЕ РАБОТА ВО МВР, ЛЕЖИ В ЗАТВОР БАШ ЗА СЕРИЈА ИЗМАМИ ДЕКА ВРАБОТУВА ВО МВР

    ЗАТВОРЕНИКОТ КОЈ НАПЛАТИЛ 4.000 ЕВРА ОД КОМАНДИРИ ВО „ИДРИЗОВО“ ЗА ДА ИМ НАЈДЕ РАБОТА ВО МВР, ЛЕЖИ В ЗАТВОР БАШ ЗА СЕРИЈА ИЗМАМИ ДЕКА ВРАБОТУВА ВО МВРЗатвореникот Јаневски претходно два пати бил осуден за измама дека за пари посредува за вработување во МВР, а во Судот во Стразбур ја победил државата дека не ги сослушала измамените сведоци во негово присуство. (Фото: СДК.МК)

    Двајцата командири од затворот „Идризово“ кои му дале мито од 4.000 евра на затвореникот Јанко Јаневски за да ги преместел на работа во МВР, наседнале на истата финта – серија измами за посредство за работа во МВР, за кои тој сега лежи 9 години затвор.

    Командирите кои ќе одговараат за давање мито и ќе бидат суспендирани од „Идризово“ толку биле наивни, што не знаеле ни дека и претходно Јаневски за истите измамнички финти, одлежал уште две затворски казни.

    Јаневски се претставува како  поранешен заменик-министер за култура. За време на судењето за втората измама (2010-2012 година), тој бил во затвор каде ја одлежувал првата казна за истото кривично дело.

    Јаневски не само што си играл со судските покани и не доаѓал на судењата во Основниот кривичен суд Скопје, туку пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур ја победил државата и таа му платила 1.720 евра отштета. Ги победил одлуките против него на Кривичниот, на Апелациониот и на Врховниот суд на Македонија. Во случајот во Стразбур навел дека едно време работел во Министерството за култура.

    Државата тогаш него не можела да го најде ни во затворот „Скопје“, каде ја одлежувал првата казна за измама. А кога излегол, не се јавувал на судење „поради здравствени причини“.

    Кај што не доаѓал на судењата да присуствува и да ги сослуша четворицата оштетени на кои им зел 6.500 евра за да посредува да се вработат во МВР, туку и по правосилност на пресудата, поднел жалба до Стразбур каде изнел факти дека му е ускратено правото да ги сослуша на судење четворицата оштетени.

    Според пресудата, во тие 6.500 евра што ги зел Јаневски во 2009 година од четворицата сведоци, имало и средства „за неопходна обука во МВР“. А на друг од овие 4 жртви што ги измамил, му се претставил дека е началник во крим-техника.

    Судот во Стразбур не ги спорел фактите и измамата, но нашол дека навистина апликантот Јаневски не бил во можност да ги испита оштетените Б.Ц., Н.J., О.К. и А.Т. на судењето, спротивно на членот 6 став 3 (г) од Конвенцијата, кој гласи:

    „Секој кој е обвинет за кривично дело ги има следните минимални права: Самиот да ги сослуша или да бара сослушување на сведоците против него и да бара повикувањето и сослушувањето на сведоците на одбраната да биде под услови што важат и за сведоците против него…“

    Тој имал прилика, ама не доаѓал на судењето. На две рочишта не присуствувал оти имал неуредна покана – место во затвор, му ја праќале на домашна адреса. Кога почнал судот да му ги праќа во затвор, тој за две години пак не дошол на ниту едно рочиште. Излегол на слобода во 2012 година, но Јаневски пак не се појавил на судење. Тогаш едниот од оштетените му кажал на судијата кај живее Јаневски.

    Но ни на следното рочиште не се појавил, испратил по адвокатот лекарско оправдание. По ова судот му испратил две покани, и во Скопје и во Тетово, неговиот роден град. Кога конечно се појавил во јануари веќе 2013 година, побарал да се запознае со предметот, па судењето за кое Јаневски ја доби државата во Стразбур, пак било одложено.

    На судењата во март и април Јаневски пак не дошол, како ни на тие во мај и во септември, а не дошол ни во октомври, за кога пак доставил лекарско уверение.

    На 4 ноември 2013 година, кога апликантот конечно присуствувал на своето судење, судот го отфрлил неговото барање да бидат испитани сведоците, со образложение дека тие веќе биле испитани во фазата на истражна постапка и за време на судењето, и оти има поважни докази од изјавите на четворицата. Истиот ден го осудиле за измама.

    Јаневски на 16 септември годинав се јавил во ТВ Алфа, каде што се претставил како поранешен заменик-министер за култура, се пожалил дека го малтретирале други затвореници и му барале рекет од 4.000 евра. Директорот на затворот „Идризово“ Зоран Јовановски, првично рекол дека не знае што се случува, но дека ќе провери. Откако ги повикал затвореникот и командирот на разговор директорот изјавил за ТВ Алфа: „Оваа работа не е од сега, трае подолго време. Колку што се информирав, станува збор за должничко доверителски однос меѓу нив и лично недоразбирање“.

    Да изгуглале малку двајцата наивни командири за што е осуден затвореникот Јаневски, можеби немало да им земе по 2.000 евра и да ги измами. Сега не се ни во МВР, ни на работа во „Идризово“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира