ЗАВРШИ ВРЕМЕТО КОГА ПОЕДИНЦИ ОДЛУЧУВАА ШТО ЌЕ СЕ СЛУЧУВА ВО ДРЖАВАТА, КАЖА ЗА СЕЛЕКЦИЈАТА НА КАНДИДАТИ ЗА АГЕНЦИЈАТА ЗА НАЦИОНАЛНА БЕЗБЕДНОСТ ДИРЕКТОРОТ ДИМОВСКИ

    ЗАВРШИ ВРЕМЕТО КОГА ПОЕДИНЦИ ОДЛУЧУВАА ШТО ЌЕ СЕ СЛУЧУВА ВО ДРЖАВАТА, КАЖА ЗА СЕЛЕКЦИЈАТА НА КАНДИДАТИ ЗА АГЕНЦИЈАТА ЗА НАЦИОНАЛНА БЕЗБЕДНОСТ ДИРЕКТОРОТ ДИМОВСКИИако според Законот, во процесот на селекција се бара да се врши полиграфско тестирање на кандидатите и спроведување на тест за интегритет, тоа не се реализирало бидејќи не постоеле технички услови, па ќе се спроведе во текот на нивното работење; - Директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Виктор Димовски. (Фото: Влада на РСМ)

    Заврши процесот на селекција на вработени кои од поранешната УБК ќе преминат во новоформираната Агенцијата за национална безбедност (АНБ). На конкурсот се пријавиле 5­/6 од вработените во УБК и според директорот на Агенцијата Виктор Димовски, направениот избор е според сите критериуми и деловникот за работа на Комисијата за селекција на кандидати формирана од Владата.

    „Времето на поединци и групи кои одлучуваа што ќе се случува и како ќе одвиваат одредени процеси во државата е минато. Наша определба, како Комисија формирана од Владата, беше да не работиме како што се работело досега, да не зачистуваме само на површината, туку суштински да навлеземе и да направиме вистинска реформа. Моја оценка е дека имаме успех во она што го работевме изминатите два и пол месеца. Реакциите на одредени поединци и групи се доказ дека квалитетно сме работеле и сме успеале да го реализираме она што беше наша првична определба“, рече Димовски на денешната прес-конференција, додавајќи дека сите одлуки на Комисијата се донесени едногласно, освен една за која гласало потребното мнозинство.

    Во процесот на селекција најпрво кандидатите се бодувале според квалитетот. Потоа, за оние кои ја поминале оваа етапа се вршело проверка дали поседуваат безбедносен сертификат, како и прибирање информации од другите државни институции. Иако според Законот, во процесот на селекција се бара да се врши полиграфско тестирање на кандидатите и спроведување на тест за интегритет, тоа не се реализирало бидејќи не постоеле технички услови, па ќе се спроведе во текот на нивното работење.

    На конкурсот не конкурирал ниту еден осомничен против кого се води судски процес.

    Како што брифираат извори од Агенцијата за национална безбедност, во овој процес на селекција не се пополнети сите предвидени места за вработувања, па затоа ќе се бараат кандидати од другите безбедносни институции, а вработување ќе им се понуди и на најдобрите дипломирани студенти на универзитетите низ земјава.

    Вработените во УБК кои не се пријавиле на конкурсот и оние кои не се избрани во новата Агенција за национална безбедност ќе бидат распределени во Министерството за внатрешни работи.

    Агенцијата ќе биде сместена во зградата на поранешна „Македонија табак“ во Скопје. Во наредниот период ќе се врши реконструкција на објектот за целосно да се прилагоди на потребни безбедносни протоколи.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира