ЗАВРШИ ВРЕМЕТО НА КРИЕЊЕ НА ТРУЕЊАТА, ВЕЛИ НОВАТА ДИРЕКТОРКА НА САНИТАРЕН И ЗДРАВСТВЕН ИНСПЕКТОРАТ

    ЗАВРШИ ВРЕМЕТО НА КРИЕЊЕ НА ТРУЕЊАТА, ВЕЛИ НОВАТА ДИРЕКТОРКА НА САНИТАРЕН И ЗДРАВСТВЕН ИНСПЕКТОРАТНовата директорка на Државниот здравствен и санитарен инспекторат Д-р Ирина Сотирова Бухова најави дека наскоро ќе отворат дежурен телефон на кој граѓаните ќе може да пријават случаи на загрозување на јавното здравје. (Фото: СДК.МК)

    Државниот санитарен и здравствен инспекторат цврсто ќе стои на своите одлуки и нема да промени свој извештај, под какви било јавувања, притисок или закани, изјави денес д-р Ирина Сотирова Бухова, новата директорка на ДСЗИ.

    „Инспекторатот нема да амнестира ничии пријатели или роднини, кои го загрозуваат здравјето на луѓето, особено не на оние што од позиција на моќ ќе се обидат да вршат притоск. Инспекторатот еднаш засекогаш мора да почне да работи поинаку“, рече д-р Сотирова Бухова.

    Таа не сакаше да именува конкретни случаи за кои е вршен притисок до инспекторатот да ги промени извештаите, но додаде дека се уште има „стари навики“ работите да се средуваат преку пријатели или со притисоци.

    „Заврши времето кога труењата биле криени. Никој нема да биде поштеден“, рече д-р Сотирова Бухова.
    Таа информираше дека во врска со последните две труења со храна во сендвичарницата „Седмица“ и гостилницата ДМ, последните анализи покажале дека се отстранети сите недоследности и дадена им е дозвола повторно да работат.

    Д-р Сотирова Бухова рече дека во моментов е потребно итно вработување на нови инспектори во ДСЗИ, бидејќи од сегашните 30, пред пензија се 11, а има уште 12 кои се лиценцирани инспектори, но од нејасни причини досега не се ангажирани во инспекторатот.

    „Ќе бараме да се измени и законската регулатива, според која од вработување во инспекторатот до стекнување на лиценца за самостоен здравствен инспектор треба да минат пет години. За да може инспекторатот да работи како што треба во секој град треба да има минимум еден инспектор“, рече д-р Сотирова Бухова.

    Таа најави дека ДСЗИ наскоро ќе отвори 24 часовна телефонска линија на која граѓаните ќе можат да пријавуваат случаи во кои е загрозено јавното здравје.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира