Премиерот Христијан Мицкоски има нарушување на општата кондиција поради сезонски фактори, одговорија од Владата на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК за неговата здравствена состојба. Утрово, од Владата испратија соопштение до медиумите во кое беше откажано присуството на премиерот на Бизнис форумот Скопје поради, како што рекоа, здравствени причини.
На нашето прашање за какви здравствени причини станува збор, од Владата ни одговорија дека состојбата на премиерот не е загрижувачка.
„Поради кратко нарушување на општата кондиција предизвикано од сезонски фактори што повремено се појавуваат овој период, премиерот беше поттикнат да направи кратка здравствена пауза. Не претставува состојба за загриженост, но претпазливиот институционален пристап на здравствените работници наложи одложување на планираниот настан со цел побрзо опоравување“, велат од Владата.
Од таму додаваат дека премиерот ќе ги продолжи своите активности веднаш штом здравствените околности го дозволат тоа.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера се појави на поставувањето камен-темелник за нова градинка во скопската Општина Ѓорче Петров.
Околу 20 часот од Владата соопштија дека утре Мицкоски ќе присуствува на промоцијата на Платформата за следење на проектите од општините финансирани од Владата.
А. АНТЕВСКА



