Денеска до 13:30 часот регистрирани се 16 пожари од кои осум се активни, шест се ставени под контрола и два се изгаснати. Најтежок пожар е оној на планината Готен меѓу општините Василево, Радовиш и Берово и постои опасност од доближување до дел од селата.
„Станува збор за села полни со луѓе, апелирам до жителите да исчистат околу своите куќи, нека најдат трактори, нека изораат по можност до 10 метри околу куќите. Ако местото е изорано и исчистено од ниска вегетација, огнот не може да се движи по земја. Паниката која се создава е непотребна, има голем број тимови на терен“, рече директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов и додаде дека некои села каде што има пожари се превентивно евакуирани.
Тежок пожар има и во Општина Македонска Каменица, кај селото Косевица, како и во Општина Крива Паланка кај селото Нерав во близина на српската граница.
На територијата на Општина Македонски Брод има пожар меѓу селата Црешево, Локвица и Крапа, каде теренот е доста непристапен, па затоа пожарот е активен десет дена. Во општините Старо Нагоричане и Куманово има пожар кај селата Облавце, Бељаковце, Довезенце и Јачинце, каде гори ниска вегетација. Активен е и пожарот во Општина Желино меѓу селата Церово и Групчин, кој неколкупати беше изгаснат, но повторно се разгорува. Во Општина Прилеп има пожар кај селото Бешиште, кој се шири кон селото Градешница и границата со Грција. Во Прилеп е активен и пожарот кај селото Дрен и се шири кон селото Галиште во Општина Кавадарци.
Ангелов кажа дека на сите пожари е интервенирано со пинцгаурите, кои се покажале како доста ефикасни во гасењето, бидејќи се пробиваат на непристапни места.
Денеска е активиран ЕУ механизмот за цивилна заштита и побарана е помош во воздухоплови.
„Силите се исцрпени бидејќи ова трае секој ден. Сметам дека добро се справуваме со пожарите, гледаме дека секаде во регионот има пожари, дури и со човечки жртви. Важно е и граѓаните да помогнат со тоа што ќе си ги исчистат дворовите од вегетација“, рече Ангелов,
А. АНТЕВСКА