Педесет и шест случаи со заразна жолтица се пријавени од септември до вчера, што се води како зголемен број на заразени, но ситуацијата се следи бидејќи случаите не се епидемиолошки поврзани и сè уште нема услови за прогласување епидемија, вели за САКАМДАКАЖАМ примариус м-р д-р Билјана Даниловска, специјалист епидемиолог и раководител на Одделението за епидемиологија во Центарот за јавно здравје Скопе.
Во 2016 имало 6 заразени, во 2017 36, а лани 28 случаи со заразна жолтица. Од пријавените случаи годинава, има 13 ученици во осум училишта. Нема ниту една пријава на заразна жолтица во градинките.
Од 56-те случаи, 47 се лекувале или лекуваат болнички, додека другите се на домашно лекување.
Заболениот е заразен две недели пред и две недели по болеста. Инкубацијата трае 4 недели. Први симптоми се омалаксаност, болка во зглобови, мачнина, пожолтување на цело тело, пожолтување на белките во очите.
„Ова не е високо-контаминозна болест, и е позната како болест на нечисти раце. Се пренесува преку фекално-орален пат. На пример преку квака, доколку личноста не измие раце после користење тоалет и се фати за квака, тој после него ќе се зарази. Сè уште нема услови за епидемија бидејќи не е високо-заразна болест како што беа на пример морбилите. Таму и со два случаи се прогласува епидемија. Во овие случаи не се епидемиолошки поврзани, освен што има едно семејсво со три деца“, вели Даниловска.
Епидемиoлогот вели дека во училиштата со заразени случаи е направена вонредна дезинфекција на санитарните јазли, меѓу препорачаните мерки е наведено дека хигиеничарките треба да чистат со посебни крпи, во тоалетите мора да има течен сапун и течен дезинфициенс за раце, како и редовно одржување на личната хигиена на вработените и учениците. Исто важи и за домовите, вели таа, редовна лична хигиена и често проветрување.
Според податоците кои вчера беа презентирани, 58 отсто од децата мијат раце по употребата на тоалет, а сапун употребуваат 28 отсто од девојчињата и само осум отсто од момчињата. Општина Центар заедно со Државниот санитарен и здравствен инспекторат почнуваат кампања „И суперхероите мијат раце“ која ќе се спроведува во основните училишта во општина Центар, со цел да се поттикнат децата и возрасните редовно и правилно да ја одржуваат хигиената на рацете.
Првата едукативна работилница од оваа кампања ќе се одржи на 21 декември во училиштето „Киро Глигоров“.
Б. НЕСТОРОСКА