ЖАЛ МИ Е ШТО МЕ ТРЕТИРААТ КАКО БАЏАНАК НА МИЈАЛКОВ, ВЕЛИ ЈОВАН ИЛИЕВСКИ, НОВИОТ СУДИЈА ВО СТРАЗБУР

    ЖАЛ МИ Е ШТО МЕ ТРЕТИРААТ КАКО БАЏАНАК НА МИЈАЛКОВ, ВЕЛИ ЈОВАН ИЛИЕВСКИ, НОВИОТ СУДИЈА ВО СТРАЗБУР

    Јован Илиевски, новиот судија во Европскиот суд за човекови права избран вчера во Стразбур, вели дека му е жал ми е што е третиран како ‘баџанакот на Мијалков’, бидејќи професионално се реализирал пред оваа гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт, во интервјуто за македонскиот сервис на „Дојче веле“.
    Илиевски (58) e шеф на македонското Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, а вчера со 106 гласа „за“ беше избран од Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) за судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, на местото на Мирјана Лазарова–Трајковска, чиј мандат истекува на 31 јануари 2017 година. Освен Илиевски, кандидати беа и судијката од Уставниот суд, професорката Наташа Габер-Дамјановска, која добила 86 гласа, како и Звонимир Јанкуловски, професор и актуелен македонски амбасадор во Ватикан. Претходно, Комисијата за избор на судии при ПССЕ, имаше разговори со кандидатите од Република Македонија, по што со тесно мнозинство гласови ѝ даде предност на Наташа Габер-Дамјановска. Звонимир Јанкуловски не доби препорака од Комисијата на ПССЕ.
    Илиевски ги демантира информациите од ПССЕ, дека пратеници на ВМРО-ДПМНЕ агресивно лобирале кај пратениците од десничарските, сестрински партии, кои се мнозинство во Парламентарното собрание, поради Габер-Дамјановска ја загубила што првичната предност.
    „Немам такви информации и мислам дека тоа не е точно. Напротив, имам информации дека против мене биле праќани многу дописи, со многу невистини. Не знам кој го правел тоа. Она што го знам – е дека се работело против мене, а не за мене“, вели Илиевски, а во врска со роднинската врска со ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, додава:
    „Јас и пред нашата Комисија бев потполно искрен. Во сите изминати години буквално сум се преработил. Не ми беше право, и жал ми е што во јавноста сум третиран како ‘баџанакот на Мијалков’, бидејќи ако се погледне хронологијата на мојата професионална кариера, јасно е дека сум се реализирал во годините пред оваа гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт. Моето прво вработување беше во Јавното обвинителство во 1983 година, како приправник. За заменик обвинител бев избран во 1989 година, уште во стариот систем. Од 1993 година се посветив на адвокатурата, сѐ до 1997 година, кога повторно се вратив во Обвинителството. Тогаш бев избран за обвинител со мандат до 2002 година. За шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција сум избран во 2004 година. Затоа, не ми е пријатно кога мојата кариера ја врзуваат за баџанак или за владеењето на ВМРО-ДПМНЕ“, вели Илиевски.

    Откако Илиевски е на функција во Обвинителството, тоа поведе истраги со мерка притвор против десетици осомничени, кои потоа како обвинети на судските процеси јавно кажуваа дека се во притвор поради тоа што се неистомисленици со режимот и оти се жртви на политичка одмазда под диктат на експремиерот Никола Груевски, неговиот братучед Мијалков и оти одмаздничките апсења и монтирани обвиненија и судски процеси се спроведуваат токму преку баџанакот Илиевски. Илиевски ќе остане запаметен по тоа што во негово време затворот Шутка беше преполнет, достигнувајќи ја бројката до скоро 500 притворени лица. Љубе Бошкоски, д-р Дејан Ставриќ, Шпион, Пуч, каде обвинет е лидерот на СДСМ Зоран Заев, се само дел од обвиненијата што ги потпиша Илиевски. Тој меѓутоа, остана настрана по објавувањето на бомбите на опозицијата со индиции за тежок криминал во власта и не отвори ниту една истрага.

    Илиевски во интервјуто појаснува: „Кога почнаа да пристигнуваат првите кривични пријави од СДСМ во врска со ‘бомбите’, јас се изземав од постапување. Тоа обврска ја презеде мојот заменик. Дури ни за параф не ми ги носеа списите“.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира