По четири децении во новинарството, од кои 30 години како собраниски известувач, Мира Костиќ, уредник во Македонското радио, на крајот на неделава заминува в пензија. Ја знаат по прекарот Мира Институција, бидејќи таа претставува две институции – едната е матичната куќа, националниот јавен сервис, а другата е законодавниот дом, каде што го поминува работниот ден, иако од таму не зема плата.
Ситна по градба, но енергична и младолика, Мира Костиќ ги знае Уставот, собраниската законска регулатива и особено Деловникот, сигурно многу подобро од многу пратеници. Кога зема изјава, за да не се испречи пред помладите колеги, таа измисли оригинален изум. На врвот од метална прачка – антена, која може да се попушта и собира, таа го врзува својот диктафон, за полесно да ги зема изјавите. Пратениците се шегуваат: „Оди ако смееш да не ѝ дадеш изјава на Мира, одма добиваш игла во око“.
Претседателот на Собранието Талат Џафери на новинарката Костиќ и даде благодарница за долгогодишно професионално известување од Собранието, букет рози и врамена фотографија со нив двајца и новинари – собраниски известувачи.
Нејзините колеги, собраниските известувачи од другите медиуми ѝ подарија портрет, со диктафончето во рака закачено на антена.
Мира е претставник на една генерација новинари во чие време беше престижно да се биде собраниски известувач. Поразговаравме за нејзините почетоци во новинарството во 1980-1981 година кога водела утрински радио весник.
„Во Македонско радио имаше една традиција првин убаво да се „испечеш“, дури потоа да те ставаат на микрофон“, раскажува Мира за нејзините новинарски почетоци. „Кога ќе те стават на микрофон, тогаш твоја е одговорноста. Работев во дескот, а тоа и денес во радиото значи дека си новинар, уредник и сѐ живо. Наспроти мислењето дека дескаџиите се најнеспособните новинари, во радиото мора да се многу способни и мора да знаат се. Се разбира, треба да знаат и како да се однесуваат на микрофон. Морам да ви кажам дека првото искуство беше малку стресно, но потоа јас и микрофонот воспоставивме една тесна љубовна врска до ден денеска и мене многу ми е драго поради тоа“, вели Мира Костиќ.
Таа е по потекло Србинка и морала да го учи македонскиот јазик. „Бидејќи сум јарец во хороскоп, се заинаетив дека ќе го научам македонскиот подобро од тие што се родени Македонци и мислам дека успеав во тоа. Сите мислат дека Костиќ е презимето на мојот сопруг, но не е така, по сопругот сум Коцева. Бидејќи сум јавна личност, тоа презиме ми е само во личната карта.
Најтешките денови во нејзината кариера биле деновите на распадот на СФРЈ. „Од новинарите се бараше висок степен на одговорност, бидејќи мораше да се внимава на секој кажан збор. Фалеше искра да се случи нешто непредвидено“, вели Костиќ. Таа смета дека македонското новинарство доживеало процут пред атентатот на Киро Глигоров во 1995 година, а од 1998 година новинарскиот простор почнал да се затвора. „Новинарството се забарикадира во изминатите 11-12 години, и иако сега има обиди за некаков прогрес, сѐ уште сме далеку од она што треба да го имаме како слободна мисла и професионално новинарство“, вели таа.
За младите новинари вели дека многу ги сака и се труди да им помогне. „Единствено не ми се допаѓа што слепо прифаќаат налози на шефовите да поставуваат нарачани прашања. Треба да размислуваат со своја глава и прашањето треба да биде продукт на нивното размислување, на нивните дилеми, бидејќи тие се дел од граѓаните, а граѓаните ги интересираат прашањата што ние ги поставуваме“, вели Мира Костиќ.
Таа ја доби новинарската награда „Мито Хаџивасилев – Јасмин“ во декември 2012 година, два дена пред да се случи 24 декември кога пратениците и новинарите беа избркани од Собранието. „Такво нешто се немало случено во историјата на македонскиот парламентаризам и тоа ми враќа многу непријатни спомени“, вели Костиќ.
Мира не сака да издвои ниту еден од досегашните претседатели на Собранието, бидејќи, како што вели немала негативни искуства со ниту еден од нив. „Сепак, многу ме израдува Талат Џафери со овој гест, што ми го додели ова признание за трудот и долгогодишната работа, иако приватно и сите претходи претседатели ми признавале дека ме ценат како собраниски известувач“.
За нејзината матична куќа во која го помина целиот работен живот, јавниот сервис Македонското радио вели дека многу жали дека нема подмладок.
„Го оставам радиото со остарен кадар, со новинари на 50-55 годишна возраст. За жал, никој не се потруди да ме искористи да обучам некого, еден, двајца, тројца… Во текот на мојот работен век на многумина сум им помогнала да станат новинари. Во Македонско радио не се потрудија да примат нови луѓе, како кој си заминува, така практично и згаснува неговото работно место и ние само се десеткуваме. Сакам да кажам дека радиото сепак има иднина. Онлајн медиумите се онлајн медиуми, но радиото ја има таа предност што може да се слуша секаде. Еден транзистор на батерии ви овозможува да бидете информирани во секое време“, вели Мира Костиќ, доајен на македонското новинарство и најискусен собраниски известувач.
С. К. ДЕЛЕВСКА