ЖЕНИТЕ ДА СЕ ПРЕГЛЕДУВААТ И АКО НЕМА СИМПТОМИ, АПЕЛИРАШЕ СОПРУГАТА НА ПЕНДАРОВСКИ ЗА АКЦИЈАТА „ЦРВЕН АЛАРМ ЗА ЖЕНСКО СРЦЕВО ЗДРАВЈЕ“

    ЖЕНИТЕ ДА СЕ ПРЕГЛЕДУВААТ И АКО НЕМА СИМПТОМИ, АПЕЛИРАШЕ СОПРУГАТА НА ПЕНДАРОВСКИ ЗА АКЦИЈАТА „ЦРВЕН АЛАРМ ЗА ЖЕНСКО СРЦЕВО ЗДРАВЈЕ“Сопругата на претседателот Елизабета Ѓорѓиевска денес со сопругите на амбасадорите во земјава беа на превентивни прегледи на Клиниката за кардиологија и во амбуланта во Сарај. (Фото: МИА)

    Од петнаесетина жени кои се прегледале на Клиниката за кардиологија во рамки на акцијата „Црвен аларм за женско здравје“, која почна да се спроведува од почетокот на оваа недела кај две е откриен зголемен притисок и кај три зголемено количество масти во крвта, а една е хоспитализирана. Скринингот е наменет пред сѐ за жени кои немаат симптоми, бидејќи кај една од три жени се откриваат кардиоваскуларни заболувања.

    Сопругата на претседателот Елизабета Ѓорѓиевска денес со сопругите на амбасадорите во земјава беа на превентивни прегледи на Клиниката за кардиологија и во амбуланта во Сарај. Таа рече дека овде се да дадат поддршка на акцијата и ги повика жените да направат превентивни прегледи особено оние што немаат симптоми.

    „Акцијата ќе трае следниве три месеци, и во моментов се спроведува во Скопје и околината, а ако има потреба ќе се прошири акцијата во цела Македонија. Би сакала да им порачам на жените да направат превентивни прегледи, бидејќи смртноста од кардиоваскуларните прегледи кај жените е еден спрема три и е многу поголема од смртноста од карцином на дојка. Од досегашните прегледи една е хоспитализирана“, рече Ѓорѓиевска.

    Жан Зимбаков, директор на Клиниката за кардиологија, рече дека има интерес за акцијата и дека таа се однесува на условно здрави жени.

    „Апелирам да дојдат и да направат скрининг, кај две жени најдовме покачен притисок, а кај три зголемено количество масти со препорака за медикаментозен третман. Апелирам и јас да дојдат жените да дојдат и да се прегледаат, и таа е наменета за условно здрави жени без клиничка манифестација и токму тоа е идејата да се превенираат и да не дојде до посериозни симптоми. Идејата е да ја подигнеме свеста кај жените дека ова не е само машка болест и не обрнуваат внимание на симптомите, да овозможуваме идентификација на ризик факторите и да се справиме со нив“, рече Зимбаков.

    Тој порача дека за намалување на ризиците за појава на кардиоваскуларните заболувања да го сменат начинот на живот.

    „Физичка активност, намалување на телесната тежина, соодветна исхрана, намалување на стресот“, рече Зимбаков кој рече дека глобално расте бројот на жени со кардиоваскуларни заболувања и тоа кај се помлади.

    Со Ѓорѓиевска се прегледаа и сопругите на амбасадорите на Катар, Бугарија, Унгарија, Италија, на Евроамбасадорот и амбасадорката на Украина.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари