Жителите на кумановското село Слупчане и денеска ги спречија екипите на ЕВН да влезат во селото и да ги отстранат дефектите, предизвикани од самите жители. Од ЕВН велат дека нивните вработени се соочуваат со вербални и физички напади и сè додека не се создадат нормални услови за работа, тие нема да ги поправаат дефектите.
Овојпат, жителите на Слупчане оштетиле трафостаница и ги оставиле без струја и соседните села, слично како и на почетокот на месецов.
Претходно, на почетокот на претходниот месец, селаните со денови ги блокираа влезовите на селото и не им дозволуваа на екипите на ЕВН да работат на реконструкција и модернизација на дистрибутивната мрежа.
Тогаш, по разговори со министерот за економија Крешник Бектеши и градоначалникот на Липково Еркан Арифи, жителите се согласија да им дозволат на екипите на ЕВН да работат во селото.
Дополнително, жителите на Слупчане сега имаат редица барања од ЕВН, како, на пример, простување на долговите, нови приклучоци за беспари, потоа сметките да не можат да бидат повисоки од 3.000 денари без разлика на потрошената струја, ослободување на џамиите од плаќање, барања за кои од ЕВН велат дека не се законски.
Процентот на наплата на потрошената електрична енергија во селото е многу мал, а и масовно се краде струја. Годишно, 80 отсто од потрошената струја се краде, а само третина од 20 отсто од фактурираната електрична енергија се наплаќа.