Српскиот претседател Александар Вучиќ вечерва во дневникот на РТС кажа дека разузнавачот на БИА Горан Живаљевиќ бил во Собранието за време на организираниот напад на 27 април со дозвола од тогашната извршна власт во Македонија, предводена од премиерот Емил Димитриев. Вучиќ, кој одговараше на прашањата за односите со Македонија по одлуката на српската влада да го повлече персоналот од нивната амбасада во Скопје на консултации, обвини дека присуството на Живаљевиќ во Собранието било искористено да се води кампања против Србија.
„Тој господин Живаљевиќ не отиде сам таму, не ме праша мене или кој било во нашата земја. Тој ги праша највисоките претставници на извршната власт во Македонија. Тој ги праша и им рече: ‘јас сакам да бидам таму, дали имате нешто против тоа, дозволувате ли?’. Тие беа во целост запознаени со неговото присуство. Тоа беше искористено да се води кампања против Србија, а потоа ми пријдоа македонски претставници на состанокот на Брдо кај Крањ и побараа да се повлече Живаљевиќ од Скопје. Го повлековме и молчевме, но сепак продолжија да се изживуваат врз припадниците на нашето ДКП (дипломатско-конзуларно претставништво) како да сме нешто виновни”, рече Вучиќ и најави дека вработените во српската амбасада ќе се вратат во септември.
Македонското јавно обвинителство уште го нема расчистено случајот со српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ кој за време на нападот на Собранието на 27 април годинава бил меѓу насилниците. Во јуни полицијата го известила Обвинителството за присуството на Живаљевиќ на 27 април во Собранието и го поврза со учество во две кривични дела „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ и „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“.