Во сите контроли што ги правиме во јавно-здравствени установи има злоупотреби. Колку контроли ќе успееме да направиме, толку злоупотреби ќе има, рече денеска Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ).
На прес-конференција после посетата на премиерот Христијан Мицкоски на Фондот, Клековски кажа дека 109 јавно-здравствени установи на 30 јуни имаа долг од 5 милијарди денари, а со ребалансот на буџетот и со сопствени зашетеди од Фондот, долгот денес е намален на 3 милијарди денари. Една третина од 109 установи имаат целосно расчистен долг, тоа се главно здравствените домови низ Македонија, а кај повеќето отстранета е опасноста од блокади.
„Само во првата половина на 2024 имаше зголемување од 1 милијарда денари, од 4 се зголеми на 5 милијарди и тоа ниво на долг одприлика 81 милион евра можеше да го загрози редовното работење на установите, а во некои веќе доведе и до блокирање на сметките и на работата. Јас веќе презентирав повеќе причини за долгот, од несоодветни приходи. Класичен пример е Клиниката за онкологија, каде иако се тврди дека е сѐ финансирано како што треба, јасно е дека немале доволен буџет за да ги исполнат здравствените услуги кои ги преземале. И една нездравствена установа, Службата за заеднички работи на Клиничкиот центар ‘Мајка Тереза’ во Скопје е ќе биде деблокирана. Таа во моментов е блокирана за 150 милиони денари“, рече Клековски.
На новинарско прашање колку менаџери во здравството направиле злоупотреби, Клековски кажа дека контролите се во тек, а приоритет бил ставен на болниците и јавно-здравствените установи со поголеми буџети и поголеми долгови.
„Не е само несовесното и недомаќинско, туку и незаконско работење во скоро сите контроли досега ги имаме направено. Како ќе завршуваат контролите, така ќе ги доставиме до МВР и до Финансиска полиција за тие да го разгледаат од кривично-правен аспект. Ние сме тука да ги обезбедиме сите потребни докази“, кажа директорот.
За планот за намалување на долговите, Фондот за здравство развил план кој има два столба и формирале неколку пакети, како за онкологија, ин витро, мајки и деца, радиологија, офталмологија, кардиологија, т. е, како што рече Клековски, во области каде услугите се многу лоши или има долги листи на чекање. Овие пакети ќе бидат брзо објавени.
„Најголем е пакетот за онкологија, ќе има десетина мерки и во дијагностичкиот и терапевтскиот дел. Само за Клиниката за онкологија ќе се издвојат 315 милиони денари, околу 5 милиони евра што треба да обезбеди нормално фукционирање на една ваква здравствена установа“, додаде тој.
На новинарско прашање околу иселувањето на жителите од Македонија и како влијае тоа на придонесите во државата, Клековски рече: „Демографијата е важен фактор при стратешкото планирање на Фондот за здравство. Ние, во нашите долгорочни проекции планираме дека ќе имаме помалку популација, со повозрасна популација и популација со повеќе хронични болести, а помал број осигуреници што ќе плаќаат осигурување. Значи од една страна зголемени расходи, а од друга ризик на намалени приходи. Во моментов, надвор од присонесите за здравствено осигурување, најавивме дека ќе вовдеме финансирање од непридонеси, на пример од акцизата на цигари и алкохол, бидејќи истовремено тоа се работи што го зголемуваат здравствениот ризик, а со тоа и здравствениот трошок“.
Б. НЕСТОРОСКА