ЗНАЕМЕ ШТО ПРАВИМЕ, ИМАМЕ ЦРВЕНИ ЛИНИИ НА БРАНЕЊЕ НА НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ, КАЖА БУЈАР ОСМАНИ ЗА БУГАРСКИОТ МЕМОРАНДУМ

    ЗНАЕМЕ ШТО ПРАВИМЕ, ИМАМЕ ЦРВЕНИ ЛИНИИ НА БРАНЕЊЕ НА НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ, КАЖА БУЈАР ОСМАНИ ЗА БУГАРСКИОТ МЕМОРАНДУМПрашањето на идентитетските карактеристики произлегува од правото на самоизјаснување и самоопределување на народите и тие не се дел од билатерални спорови, вели Бујар Османи. (Фото: Влада)

    Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека имаат стратегија и знаат што прават, одговарајќи на новинарско прашање за бугарскиот меморандум до земјите членки на ЕУ, со кој Бугарија најавува дека може да ја блокира интеграцијата на Македонија во ЕУ. Османи, на прес-конференцијата на која ја претстави мисијата на неговото министерство во наредните четири години, рече дека цврсто ќе ги брани националните и државните интереси.

    „Имаме стратегија, знаеме што правиме. Ги имаме црвените линии на бранење на нашите национални и државни интереси и цврсто стојам на бранење на тие интереси. Бидете убедени како паметно сме стигнале до одлука за почеток на преговорите така и ќе ги почнеме преговорите“, изјави Османи.

    За бугарскиот меморандум, тој рече дека отстапува од Договорот за добрососедство.

    „Можам да изразам жалење, бидејќи отстапува од принципите на кои се заснова Договорот за добрососедство со Бугарија, чија цел беше токму тоа, да се создадат рамка и инструменти за да се надминат разликите кои што постојат меѓу двете земји, за одвојување на политичките од историските прашања. Не треба да се стави приоритет на едно врз друго, но додека се испреплетени, не може да има успех во ниту една од двете траектории“, вели Османи.

    Како што кажа тој, прашањето на идентитетските карактеристики произлегува од правото на самоизјаснување и самоопределување на народите и тие не се дел од билатерални спорови.

    „Прашањето на историските фигури е затоа што тие не можат да се изјаснат и затоа треба да седнат историчари и научници кои треба да најдат историски документи за нивните идентитетски атрибути. За прашањето на јазикот и други идентитетски карактеристики, тоа е современо право на самоопределување кое не го спори никој“, кажа министерот за надворешни работи.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира