ЗНАЕТЕ ЛИ СО КОГО РАЗГОВАРАТЕ, ВЕЛИ ХАНИФ ЗЕНДЕЛИ ОД СУДСКИОТ СОВЕТ КОЈ НЕ ГИ ВРАЌА КЛУЧЕВИТЕ ОД СЛУЖБЕНОТО АУДИ

    ЗНАЕТЕ ЛИ СО КОГО РАЗГОВАРАТЕ, ВЕЛИ ХАНИФ ЗЕНДЕЛИ ОД СУДСКИОТ СОВЕТ КОЈ НЕ ГИ ВРАЌА КЛУЧЕВИТЕ ОД СЛУЖБЕНОТО АУДИВчера до 15 часот возилото беше на паркинг, за потоа да го земе некој пак. Утрово од 9 часот го немаше, во 10.25 часот Зендели дојде со него. (Фото: СДК.МК)

    Потпретседателот на Судскиот совет Ханиф Зендели денеска на работа дојде со службеното „Ауди А6″, за кое што има наредба да ги врати клучевите, бидејќи не му следува, а и нема овластување да го вози за приватни потреби.

    „Судија Зендели, ги вративте ли клучевите од службеното ‘ауди’ кое што незаконски го користите за до дома и назад секој ден? Има наредба од претседателката Весна Дамева по 15 часот сите службени возила да се остават“, го прашавме утрово Ханиф Зендели откако го видовме како го паркираше „аудито” на паркингот.

    „Какво ‘ауди’, не знам што зборувате”, одговори судијата, потпретседател на Советот.

    Бидејќи му тропаа клучевите на него, го прашавме дали ги вратил, затоа што вчера по телефон ни кажа дека ги вратил.

    „Какви клучеви, не знам што зборувате”, кажа пред да замине Зендели.

    Вчера до 15 часот возилото беше на паркинг, за потоа да го земе некој пак. Утрово од 9 часот го немаше, во 10.25 часот Зендели дојде со него.

    Потоа се јави на телефон и го посочи колегата Селим Адеми, кој исто така со години го возеше ова „ауди” за приватни потреби.

    „На Селим е тоа ‘ауди’, не е мое”, се правдаше судијата Зендели.

    Но, откако му кажавме дека цело утро сме на паркингот и го видовме Селим Адеми како дојде денеска со приватниот ‘мерцедес’, соговорникот кажа: „Пријатно”, и додаде: „Знаете ли вие со кого разговарате?”.

    Антикорупциската комисија отворила предмет за незаконското користење на службеното „ауди А6“ од страна на потпретседателот на Судскиот совет Ханиф Зендели, кое што го возат со колегата Селим Адеми секој ден после работа до дома во Тетовско и назад, со години.

    „Во однос на вашето прашање во врска со користењето на службените возила во Судскиот совет, ве информираме дека е отворен предмет по поднесена пријава“, одговорија од Државната комисија за спречување на корупцијата.

    Претседателката на Судскиот совет Весна Дамева на 22 февруари и на веб страната на Советот објави одлука службените коли „ауди“, „опел астра“ и „голф“, по завршување на работното време и на работните обврски, задолжително да се остават на паркингот или во гаражата на Судскиот совет. И по работното време да се остават клучевите од трите службени возила во Судскиот совет.

    „Корисниците на службените возила при нивното користење во текот на работното време, да посветат особено внимание при употреба и користење на возилата, а тоа да е исклучиво и единствено за службени потреби. За користење на службените возила, согласност дава претседателот на Судскиот совет“, изрично стои во одлуката.

    Последното известување што го добила од колегата Зендели е дека нема да ги врати клучевите.

    Претходно, ова „ауди“ скоро 10 години секој ден го земаше за свои приватни потреби Селим Адеми, како потпретседател на Советот. Возило и возач во Судскиот совет му следува само на претседателот, а останатите три службени возила се за посета и контрола на судови, за службени настани и други потреби поврзани со работата на членовите на Советот, но само во работно време. Но, со години со службено возило Адеми, а потоа и Зендели, двајцата од Тетово, се возат до Скопје и Тетово секој ден, место со приватни коли.

    Регистрацијата и амортизацијата на оваа лимузина паѓаат на товар на Судскиот совет, односно на товар на буџетот.

    По распишувањето на претседателските и парламентарните избори пред две недели, има дополнителни строги правила за користење на државните ресурси, а особено за службените коли и секаква злоупотреба е забранета, односно заштитена со кривична одговорност. Согласно тие законски обврски раководителите на државните институции мора да ја известат Антикорупциската комисија, во спротивно тие ќе одговараат.

    „Државната комисија за спречување на корупцијата, укажува на обврската за законско користење на канцеларискиот простор, канцелариската опрема и службените возила на државните органи за време на изборните кампањи, и тоа за Избори за Претседател на Република Северна Македонија 2024 година и Избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, кои започнуваат на 04.04.2024 година во 00:00 часот и траат до 08.05.2024 година до 19:00 часот“, стои во објавеното соопштение на веб страната на ДКСК, кое мора да го почитуваат сите.

    Антикорупциската комисија укажува дека со член 8-б став 1 од Изборниот законик е уредено дека „за потребите на изборната кампања, забрането е користење на канцелариски простор, канцелариска опрема и службени возила на државните органи, освен лицата на кои се однесуваат посебните прописи за заштита на личноста“.

    За кршење на Изборниот законик, се одговара кривично.

    С. К. ДЕЛЕВСКА


     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира