ЗНМ БАРА ОД МВР БРЗА ИСТРАГА ЗА ЗАПАЛЕНОТО ВОЗИЛО НА ДОПИСНИЧКАТА НА САКАМДАКАЖАМ.МК ОД ОХРИД

    ЗНМ БАРА ОД МВР БРЗА ИСТРАГА ЗА ЗАПАЛЕНОТО ВОЗИЛО НА ДОПИСНИЧКАТА НА САКАМДАКАЖАМ.МК ОД ОХРИДОд ЗНМ велат дека брзото дејствување е од клучно значење за зачувување на слободата на изразувањето и за спречување на самоцензурата кај новинарите. (Фото: СДК.МК)

    Здружението на новинари на Македонија бара Министерството за внатрешни работи да спроведе брза и темелна истрага за запаленото возило на дописничката на САКАМДАКАЖАМ.МК од Охрид Сузана Вренцовска. Возилото беше запалено синоќа околу 21:30 часот во дворот на семејната куќа на Вренцовска, во гаражата каде што било паркирано. Како што велат од ЗНМ, според првичните информации, постои сомнеж дека станува збор за намерно предизвикан акт.

    Од ЗНМ велат дека брзото дејствување е од клучно значење за зачувување на слободата на изразувањето и за спречување на самоцензурата кај новинарите.

    „Го повикуваме Министерството за внатрешни работи да спроведе брза и темелна истрага за утврдување на сите детали и мотиви за овој тежок инцидент. Овој случај укажува на загрижувачки тренд на зголемени ризици со кои се соочуваат новинарите во земјава. Дополнително, ова не е изолиран инцидент. Во октомври 2024 беше запалено возилото на колегата Благој Серсемов, уредник на локалната телевизија и онлајн медиум ‘М-нет‘ од Штип. Иако мотивите за овие напади сè уште не се утврдени, важно е да се истакне дека ваквите инциденти, доколку немаат правна разрешница, можат да создадат чувство на несигурност помеѓу новинарите и да ја поткопаат нивната работа во служба на јавниот интерес“, соопшти ЗНМ.

    Од ЗНМ велат сторителите мора да бидат идентификувани и соодветно санкционирани.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира