ЗНМ ПОБАРА ОД ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДА ГО ПОВЛЕЧЕ ОБВИНЕНИЕТО ЗА КЕЖАРОВСКИ ЗА ДА ПОКАЖЕ ДЕКА ОДЛУЧУВА НЕЗАВИСНО

    ЗНМ ПОБАРА ОД ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДА ГО ПОВЛЕЧЕ ОБВИНЕНИЕТО ЗА КЕЖАРОВСКИ ЗА ДА ПОКАЖЕ ДЕКА ОДЛУЧУВА НЕЗАВИСНОПретседателот на ЗНМ Младен Чадиковски со новинарот и доскорешен заменик претседател на ЗНМ, Томислав Кежаровски. (Фото: ЗНМ)

    Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) бара Основното јавно обвинителство (ОЈО) да го повлече обвинението против новинарот Томислав Кежаровски, откако Врховниот суд ја укина пресудата за предметот „Ликвидација“ и го врати на повторно судење. Со повлекувањето на обвинението, како што велат од ЗНМ, ОЈО ќе покаже дека одлучува независно и непристрасно.

    „Бараме Основното јавно обвинителство да го повлече обвинението против колегата Кежаровски, кој беше неправедно обвинет, а потоа и осуден. Со еден ваков потег ОЈО ќе покаже дека конечно одлучува независно и непристрасно во интерес на правдата. Со оглед на тоа дека Врховниот суд го врати предметот на повторно одлучување, го повикуваме и Кривичниот суд во Скопје да го отфрли обвинението и со тоа да покаже дека во оваа држава слободата на говорот е загарантирана како основно човеково право“, велат од ЗНМ.

    Од ЗНМ потсетуваат дека поради овој случај, Македонија како една од единствените земји која имаше новинар во затвор, беше посочена како неслободна земја во која не се почитуваат новинарските права и слободи.

    „Кежаровски беше обвинет за откривање на идентитетот на заштитен сведок, меѓутоа јавноста знае дека тој во своите написи не го откри идентитетот, а потоа во постапката се покажа дека заштитениот сведок бил лажен. Со ова е очигледно дека неговиот предмет беше монтиран со цел да биде згасната неговата критика“, додаваат од ЗНМ.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари