Зоран Ристоски е избран за нов директор на Македонската радио-телевизија (МРТ). Ристоски, кој е долгогодишен сопственик на маркетинг агенцијата „Греј ворлд вајд”, а доаѓа на местото на Марјан Цветковски кој на оваа функција беше 15 години.
Во објавата од Програмскиот совет на сајтот на МРТ се вели дека во постапката биле разгледани вкупно шест пристигнати кандидатури.
„Изборот беше направен врз основа на квалитетот на предложените програми за работа, при што гласањето се одвиваше по принцип на анонимност – програмите беа доставени под шифра, без увид во идентитетот на кандидатите. По утврдувањето на најдобро оценетата програма, беше отворен ковертот со идентитетот на кандидатот, по што беше извршена проверка на исполнувањето на законските услови и комплетноста на доставената документација. Програмскиот совет нагласува дека се темели исклучиво на квалитетот на понудената програма и исполнувањето на законските критериуми“, се вели во соопштението од Програмскиот совет на МРТ.



