Во градската општа болница „8 Септември“ во Скопје вчера за прв пат е направена операција на ‘рскавица на нагазна коска на скочниот зглоб со матични клетки од коскена срцевина. Оперирана е Зорица Заева, сопругата на премиерот Зоран Заев.
Операцијата е направена со помош на едукатор од Хрватска д-р Џихан Абаџовиќ, а ја изведоа д-р Христијан Костов, директор на „8 Септември“, кој е хирург по трауматологија и д-р Зоран Несторовски, од одделот за ортопедија во болницата. Оперираната пациентка подолго време имала проблем при движењето со едната нога, бидејќи имала дефект на ‘рскавицата на скочниот зглоб.
„Пациентката требаше да оди на операција во Хрватска, но на крај со колегата Абаџовиќ од Хрватска решивме да дојде овде и овде да биде оперирана. За овој зафат матичните клетки се земаат од неа, поточно од коленото се вадат 100 милилитри коскена срцевина и 200 милилитри крв од вена. Тоа се прави со специјални машини, каде вака земениот материјал се обработува. Операцијата траеше два часа, ѝ ја извадивме оштетената ‘рскавица, а потоа ги ставаме матичните клетки“, вели д-р Костов.
Тој објаснува дека со оваа метода практично се спасува природниот зглоб, инаку во спротивно треба да се стави вештачки. Oбработката на матичните клетки ја направи д-р Абаџовиќ, а вградувањето во зглобот докторите од „8 Септември“
„Сега пациентката мора да мирува, бидејќи од матичните клетки ќе треба да ѝ порасне нова ‘рскавица. Тоа трае од три до шест месеци. Операцијата успешно ја изведовме, и сe надеваме дека сè ќе биде во ред“, вели д-р Костов.
Е. БОЧВАРОСКА