На 15 години е најмладиот пациент хоспитализиран во Ковид-центарот во Клиничката болница во Битола. На Одделението вкупно се хоспитализирани 34 пациенти на возраст од 15 до 90 години, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК директорката на Болницата Билјана Гагачовска.
„Зголемен е бројот на хоспитализации, како и на прегледи во ковид амбулантата. Тешка е клиничката слика кај хоспитализираните, претежно кај невакцинираните. Дури 70 проценти од нив се невакцинирани“, рече Гагачовска.
Во Битола, бројот на лица позитивни на ковид -19 последнава недела вртоглаво почна да расте. Само за три дена има 135 новозаболени, а вчера беа евидентирани скоро половина од нив, односно 58. Со тоа, по неколку месеци бројот на активни случаи се искачи на 358, а со месеци се движеше меѓу 170 до 250.
Благодарение на малите бројки на заразени во изминатиот период, битолчани уште живеат поопуштено без строго почитување на ковид мерките. Освен во поголемите маркети низ градот, во дел од другите продавници може да се влезе и без маска. Во рестораните и кафулињата ретко кој проверува дали присутните имаат сертификат за вакцинација.
Во земјава досега од коронавирус починаа 7.178 болни, а активни се 7.131 случаи.
Ж. ЗДРАВКОВСКА