70 ОТСТО ОД ТРГОВИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА Е СО ЕУ И БРИТАНИЈА, СО КИНА ИМА ПОЛА МИЛИЈАРДА ЕВРА ДЕФИЦИТ ЗА 5 МЕСЕЦИ

    70 ОТСТО ОД ТРГОВИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА Е СО ЕУ И БРИТАНИЈА, СО КИНА ИМА ПОЛА МИЛИЈАРДА ЕВРА ДЕФИЦИТ ЗА 5 МЕСЕЦИТрговскиот биланс за периодот јануари–мај 2026 година е во негатива од 1,43 милијарди евра. (Фото: СДК.МК)

    Вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија во периодот јануари-мај 2026 година изнесува 3,53 милијарди евра, што претставува пораст од 5,7 отсто во однос на истиот период од претходната година. Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), вредноста на увезената стока во истиот период изнесува 4,96 милијарди евра или за 5,91 отсто повеќе во споредба со првите пет месеци од минатата година.

    Во овој период, земјата бележи масивен трговски дефицит во размената со Кина, која се наоѓа на четвртото место на листата на најголеми трговски партнери со учество од 6,2 отсто во вкупниот обем на меѓународната трговија. Податоците покажуваат дека од Кина речиси исклучиво се увезува, при што увозот изнесува 510,4 милиони евра (31.481.685 илјади денари), додека извозот кон оваа азиска земја изнесува само 16,7 милиони евра (1.027.319 илјади денари).

    Најголем обем на надворешнотрговската размена во првите пет месеци од годинава е остварен со Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија, кои заедно учествуваат со 50,4 отсто во вкупниот обем на размената. Земјите членки на Европската Унија имаат доминантно учество од 58,2 отсто во вкупната трговија, а заедно со Велика Британија, овој процент изнесува околу 69,3 отсто.

    Според Стандардната меѓународна трговска класификација, во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење за возила, авиони или бродови, како и деловите на седишта.

    Во увозот, пак, најзастапени се платината и легурите на платина во необработена форма или во прав, другите метали од платинската група, нафтените масла и моторните возила за превоз на лица.

    Трговскиот биланс за периодот јануари–мај 2026 година е во негатива од 1,43 милијарди евра (88.535.982 илјади денари), со што покриеноста на увозот со извозот изнесува 71,1 отсто.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира