79 ОТСТО РОДИТЕЛИ ГИ ВОСПИТУВААТ ДЕЦАТА СО ТЕПАЊЕ И ПСИХИЧКО КАЗНУВАЊЕ, ОТКРИ ИСТРАЖУВАЊЕТО НА УНИЦЕФ ВО МАКЕДОНИЈА

    79 ОТСТО РОДИТЕЛИ ГИ ВОСПИТУВААТ ДЕЦАТА СО ТЕПАЊЕ И ПСИХИЧКО КАЗНУВАЊЕ, ОТКРИ ИСТРАЖУВАЊЕТО НА УНИЦЕФ ВО МАКЕДОНИЈАРезултатите од истражувањето на УНИЦЕФ покажуваат дека наставниците најчесто како насилство врз деца ги препознаваат ситуациите во кои може да дојде до тешка физичка повреда, а помалку ситуациите во кои има емоционални последици врз детето (Фото: УНИЦЕФ)

    Насилни методи за дисциплинирање на децата примениле 79 отсто од родителите во Македонија, опфатени со истражувањето што го спроведе УНИЦЕФ, а една четвртина од наставниците имаат ниска свест за психичко злоставување и лесни форми на физичко насилство. Според ова истражување, во Македонија седум од десет деца на возраст од 2 до 14 години дома се дисциплинираат со насилни методи, односно со физички казни и психолошка агресија.

    Од УНИЦЕФ велат дека кај испитаниците постои верување оти насилните методи на дисциплинирање децата функционираат, односно 44 отсто од нив сметаат дека физичкото казнување е ефикасен начин за коригирање на однесувањето на детето, а 37 отсто го мислат тоа за психичкото казнување.

    „Насилните методи на дисциплинирање на децата во домот се социјално прифатени и често на нив се гледа како на неопходен дел во воспитувањето деца, иако овие методи сериозно го загрозуваат развојот на децата и ги кршат нивните основни права. Со оглед на тоа што мнозинството од родителите, или 79 отсто изјавиле дека примениле најмалку еден насилен метод: психичко злоставување, лесно или тешко физичко казнување, може да се каже дека родителите и старателите од сите социјални, образовни и културни категории посегнуваат по насилни методи на дисциплинирање на децата. Поголема веројатност да бидат физички казнувани имаат оние деца чии родители, исто така, искусиле физичко казнување како деца“, вели Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ во земјава.

    Според него, негативните искуства од детството директно влијаат на постигнувањето успех понатаму во животот и оставаат траги врз менталниот и физичкиот развој на детето, врз неговата способноста за социјална интеграција, воспоставување и одржување блиски емотивни односи и на способноста за финансиска заработка.

    „Има поголема веројатност да се повтори матрицата на насилно дисциплинирање од генерација на генерација“, вели Перкс.

    Според препораките од УНИЦЕФ, родителите треба да научат да применуваат позитивно родителство, а тоа подразбира поставување граници во однесувањето на детето, но истовремено давање поттик и градење самодоверба.

    „Родителите не се свесни дека некои методи што ги применуваат се насилни. На пример заканување на детето дека ќе биде казнето е насилен метод, додека ако родителот му објасни зошто неговото однесување е несоодветно е позитивна практика. Родителството се учи, па така позитивните практики може да се научат“, вели Перкс.

    „Одговорноста да создадеме средина со повисока свест за последиците од изложеноста на насилство и да дадеме пример со проактивно делување лежи кај сите нас“, вели Бенџамин Перкс, претсавник на УНИЦЕФ во земјава (Фото: УНИЦЕФ)

    Освен ставовите на родителите, со истражувањето на УНИЦЕФ биле опфатени и ставовите и мислењата и на стручните лица, меѓу кои и на наставниците. Резултатите покажуваат дека наставниците најчесто како насилство врз деца ги препознаваат ситуациите во кои може да дојде до тешка физичка повреда, а помалку ситуациите во кои има емоционални последици врз детето.

    „Една четвртина од наставниците имаат пониско ниво на свесност за психичко злоставување и лесни форми на физичко насилство. Ова значи дека тие може да покажат толеранција за овие видови насилство. Во државата веќе постои стратегија и протокол за справување со насилството во училиштата. Главен превентивен механизам што беше воведен беше инсталирањето камери во училиштата и вработување на обезбедување. Но, овој пристап е парцијален и се фокусира само на безбедноста. Неопходно е наставниците да ги препознаат знаците на насилство врз децата, знаците на врсничко насилство и навремено да ги упатат децата до психолог, педагог или до службите на центрите за социјална работа“, вели Перкс.

    Според него, промовирање почит, позитивна интеракција и ред во училницата и училиштето се клучни за креирање безбедна средина во училиштата.

    „Преку посветена работа на училиштата кон развивање и промовирање позитивни вредности и доблести се постигнуваат подобри резултати во решавањето на проблемот на насилството во училиштата, отколку со симптоматски третман на насилството и воведување уште поголеми контролни мерки во училиштето и околу него. Покрај фокусот на образованието и академските постигања, треба поголемо внимание да се обрне на воспитната компонента, односно преку наставата и воннаставните активности да се работи на градење трпеливост, самоконтрола, трудољубивост, истрајност, одговорност и солидарност кај учениците“, вели Перкс.

    СВЕДОЦИТЕ НА НАСИЛСТВО ВРЗ ДЕТЕ НЕ ПРИЈАВУВААТ, ОТИ СМЕТААТ ДЕКА НЕМААТ ПРАВО ДА СЕ МЕШААТ

    Според последното истражување на УНИЦЕФ, дури 73 отсто од лицата кои биле сведоци на насилно однесување врз дете, насилството не го пријавиле бидејќи сметаат дека немаат право да се мешаат и дека тоа не е нивен проблем. Бројот на пријавени случаи на насилство врз дете е многу мал, а според препораките од УНИЦЕФ институциите на системот треба да бидат подготвени соодветно да одговорат и да им обезбедат заштита на децата.

    „Треба да се едуцираат децата, родителите, наставниците и сите членови на заедницата да го препознаат насилството во сите негови форми, да се охрабрат да зборуваат слободно за ова и да можат безбедно да го пријават насилството. Им помагаме на институциите да ја подобрат заштитата на децата од насилство, за да имаат децата повеќе доверба да го пријават насилството и тоа да не помине неказнето. Се работи и на овозможување законите да се во функција на заштита на детето, а професионалците кои работат на заштита на детето да добијат соодветна обука“, велат од УНИЦЕФ.

     

    Според последното истражување на УНИЦЕФ, дури 73 отсто од лицата кои биле сведоци на насилно однесување врз дете, насилството не го пријавиле бидејќи сметаат дека немаат право да се мешаат и дека тоа не е нивен проблем.

    Од оваа организација велат дека за да има политики и услуги за заштита на децата од насилство потребни се податоци за тоа дали институциите го препознаваат насилството и каква е нивната реакција.

    „Помогнавме да се изработи систем за следење на состојбата со насилство врз деца кој се очекува да даде насоки за добрите страни и за недостатоците во системот. Многу е важно да се подобри и комуникацијата меѓу институциите во системот, за да се избегне ситуација детето кое било жртва или сведок на насилство да мора неколку пати да го повторува немилиот настан за да се приберат докази и за да му се обезбеди соодветна помош. Но, најважно е да се овозможи децата да растат во ненасилна средина, во домот, на училиште, градинка, на улица, но и пред екраните од комуникациските апарати. Одговорноста да создадеме средина со повисока свест за последиците од изложеноста на насилство лежи кај сите нас“, вели Перкс.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира