Со блокадите сакаме да покажеме што ќе се случи после 10 април и како ќе биде прекинат синџирот на снабдување, не само во Западен Балкан туку и во Европа, рече претседателката на транспортната асоцијација „Макам-транс“ Билјана Муратовска на почетокот на протестите на граничните премини.
Покрај во Македонија, се протестира и во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, а денеска кон блокадите ќе се придружат и превозниците од Турција.
Протестите се поради одлуката на Европската комисија со која се ограничува престојот во Шенген зоната од 90 до 180 дена и за професионалните возачи.
„Со оваа одлука Европската унија сака да нè запре да работиме. Кога знаеме дека со секоја држава имаме потпишани билатерален договор за превоз, сега ни викаат пу пу тоа не важи, имате дозволи, но не можете да работи. Се прави дискриминација бидејќи ослободени од броење на денови за престој се сите други видови превоз односно бродскиот, железничкиот и авионскиот. Без нас продавниците ќе бидат празни. Ние ќе протестираме седум дена за да испратиме сигнал, но после 10 април камионите ќе стојат оти нема да има кој да ги вози“, рече Муратовска на прес-конференцијата на граничниот премин Блаце.
Министерот за транспорт и врски Александар Николоски кажа дека Владата цела година разговарала со претставници на Европската комисија за ова прашање, но до сега немало слух од нивна страна.
„Има три опции како да се реши овој проблем, прво да се одложи примената за новиот електронски систем за превозниците, второ да се зголеми дозволата за престој на 250 денови и трето транспортерите да не се третираат како туристи туку како професионалци и со работни дозволи да можат да транзитираат. Спротивно на ова ќе им последици не само за македонската економија, туку и за земјите од Шенген зоната“, кажа Николоски.
А. АНТЕВСКА



