Антикорупциската комисија не кажува дали се преземени мерки по утврдените нерегуларности во работењето констатирани по ревизијата на Управата за јавни приходи, ниту дали ќе се преземат соодветни мерки против членовите на Комисијата кои ненаменски трошеле буџетски средства.
Ревизијата до која дојде САКАМДАКАЖАМ.МК се однесува на составот на Комисијата со претседателот Игор Тантуровски и членовите Фарие Алиу, Горан Миленков, Жаклина Дамческа, Најдо Спасевски, Сузана Таскова Аџикотарева и Сејди Халили, кои се на оваа функција во ДКСК од април 2015.
Откако ревизорскиот извештај на УЈП покажа дека во 2016 година на членови на Антикорупциската комисија им се исплаќале патни трошоци затоа што доаѓале на седници, а исплата се вршела врз основа на неверодостојни патни налози, некои од членовите воопшто не доаѓале на работа туку само на седници и биле поднесувале три патни налози за ист ден, вчера САКАМДАКАЖАМ.МК побара одговор од Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК). Лицето задолжено за односи со јавноста не одговараше на повиците на мобилниот телефон.
Не добивме одговор ниту на следниве прашањата испратени по електронска пошта до ДКСК:
- Дали се преземени соодветни мерки и какви после ревизорскиот извештај кој утврдил нерегуларности во работењето и согласно акцискиот план кој е предложен од ревизијата на УЈП?
- Дали е воведена евиденција за присуство на членовите за полно работно време?
- Дали се преземаат соодветни мерки за корекција на ненаменски искористените буџетски средства за трошоци за користење сопствено возило.
- Дали е доставено барање до Собранието за толкување на одлуката со која на антикорупционерите им се исплаќаат патни трошоци.
- Дали се преземаат соодветни мерки за ненаменски искористените буџетски средства по основ поголема искажана километража.
- Дали и каква одговорност ќе сносат членовите на Комисијата за утврдените нерегуларности и ненаменското трошење на буџетски средства?
Покрај овие нерегуларности во ревизорскиот извештај како ненаменско трошење на буџетски пари се посочуваат и трошоци за ручеци и вечери во ресторани кои членови на Комисијата ги правеле при патување во странство, како и трошоци за изнајмување на стан.
На 13.07.2015 година член на Антикорупциската комисија доставил барање до Комисијата за станбени прашања на Владата, за остварување на право на надомест за закупнина на стан и трошоци за комунални услуги за користење на стан. На 22.09.2015 Комисијата при Владата носи решение за остварување на право на надоместок за стан и комунални трошоци, но не ја утврдува висината на надоместокот за закуп. ДКСК носи одлука за исплата на надоместок за стан во износ од 350 евра месечно, односно 250 евра за изнајмување на стан и 100 евра за трошоци.
Членот на Антикорупциска доставил договор за закуп во кој стои дека закупнината изнесува 6.000 денари а за оваа намена му се исплаќани по 250 евра за еден месец.
„Од причина што закупот според договорот изнесува 6.000 денари или 97.5 евра произлегува дека разликата од утврдениот надоместок со одлука на ДКСК и реално направениот расход за закуп претставуваат ненаменски потрошени средства. Со увид во приложената документација се констатира дека исплатата по основ на трошоци за закупнина не е реална, односно по тој основ исплатен е поголем износ од 168.818 денари и истите претставуваат ненаменски потрошени средства“, стои во извештајот на ревизорите од УЈП.
На четири членови им била вршена исплата и на трошоци за храна преку приложени сметки за ресторански услуги при патување во странство иако за патувањето добивале дневници од ДКСК. Имено, иако подигале дневници во износ од 50 проценти плус платено ноќевање, што значи дека дневницата им ги покрива трошоците за храна, членовите на Антикорупцсиката комисија во странство собирале сметки од ресторани и потоа им биле рефундирани и тие трошоци.
Во извештајот пишува дека тие пари им биле исплаќани без да се даде појаснување за која намена биле потрошени средствата. „Во некои случаи констатирана е исплата на надоместок за службени патувања врз база на дупли сметки односно за ист вид трошок два пати е извршена исплата. А исто така во два случаи извршена е исплата по службено патување во странство по сметки од кои не може да се утврди за кој вид трошок е направена. Врз основа на овие трошоци за храна во ресторани и дупли сметки на 4 лица од ДКСК извршена е исплата на ненаменски средства во вкупен износ од 42.514 денари“, пишува во извештајот до кој дојде САКАМДАКАЖАМ.МК.
„Да се преземат соодветни мерки за корекција на ненаменски искористените буџетски средства за надомест за трошоци за службено патување во странство, како и соодветни мерки за корекција на ненаменски искористените буџетски средства по основ закупнина и да се преземат мерки за реално искажување на трошоците за комунални услуги“, стои во препораките на ревизорите.
А. АНТЕВСКА