БОКИ 13 ЗЕЛ 1,5 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ДА ЗАПРЕ КРИВИЧНА ПОСТАПКА, СО ПАРИТЕ КУПУВАЛ ОБЛЕКА И ПЛАЌАЛ ОДМОРИ

    БОКИ 13 ЗЕЛ 1,5 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ДА ЗАПРЕ КРИВИЧНА ПОСТАПКА, СО ПАРИТЕ КУПУВАЛ ОБЛЕКА И ПЛАЌАЛ ОДМОРИЈавниот обвинител Љубомир Јовески и обвинителката за организиран криминал Вилма Рускоска на денешната прес-конференција. (Фото: К. Попов)

    Уапсените Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец се осомничени дека зеле 1,5 милиони евра за преку јавен обвинител врз кој имале влијание да ја олеснат положбата на лице кое е под истрага. Двајцата се осомничени за кривичното дело Примање награда за противзаконито влијание, а Боки 13 е осомничен и за кривичното дело Перење пари. Како што кажа обвинителот, двајцата осомничени тргувале со влијание и убедувале луѓе кои се дел од истражна постапка дека се моќни кај јавен обвинител.

    Како што кажа обвинителката за организиран криминал Вилма Рускоска, првоосомничениот го искористил своето влијание кај јавен обвинител и зел 1,5 милиони евра од лице под истрага за да му ја олесни положбата. Второосомничениот овозможувал средби со лицето под истрага, кое во оваа истрага е сведок. При овие средби, кажа Рускоска, биле побарани 8 милиони евра од сведокот за да се запре кривичната постапка против него, но откако добиле 1,5 милиони евра, тие се посомневале во доверливоста на сведокот и престанале со средбите.

    За првоосомничениот се води истрага и за перење пари, објасни Рускоска, затоа што претходно примените пари од сведокот ги пуштил во оптек како легално стекнати пари и купувал облека и плаќал одмори иако тоа ги надминува неговите приходи.

    За двајцата до судија за претходна постапка е поднесено барање за определување мерка притвор.

    Јавниот обвинител Љубомир Јовески кажа дека предистрага била почната во мај годинава по кривична пријава и по досега прибрани докази отвориле истрага против двете лица. Во моментов, вели Јовески, надлежните преземаат дејствија за прибирање докази и обезбедување присуство, а охрабри ако има и други лица подложени на вакви дејствија да пријават во обвинителството. Засега под истрага не е јавниот обвинител, само двете лица.

    Јовески и Рускоска одбија да кажат за кој обвинител станува збор, а не објаснија ни дали се остварила трговијата со влијание, благодарејќи на моќта на обвинителот. Обвинителот за кој станува збор не бил повикан да даде исказ.

    На прашање дали денешната оставка на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева е поврзана со истражната постапка, Јовески одговори дека оставката е нејзин личен чин кој тие нема да го коментираат.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира