БОРЧЕ МАРКОВСКИ, ОСОМНИЧЕН ЗА ЗЛОУПОТРЕБА НА ТЕНДЕРИ ВО РЕК, СЕ ВРАТИ ВО МАКЕДОНИЈА

    БОРЧЕ МАРКОВСКИ, ОСОМНИЧЕН ЗА ЗЛОУПОТРЕБА НА ТЕНДЕРИ ВО РЕК, СЕ ВРАТИ ВО МАКЕДОНИЈАМарковски на 29 јули преку граничниот премин „Табановце“ отпатува во Србија, откако претходно Основниот суд во Струга му го врати пасошот по приложена гаранција од над пет милиони евра. (Фото: Фејсбук)

    Бизнисменот Борче Марковски, кој е обвинет за злоупотреба на тендери во РЕК, се врати во Македонија, соопшти за САКАМДАКАЖАМ.МК неговиот адвокат Марјан Николоски. Тој вели дека беспотребно се кренала фама за тоа што судот му го вратил пасошот и за неговото патување во Србија.

    „Тој е веќе во Битола, ги заврши обврските во Србија. Чекаме да почне судењето за да ги расчистиме работите, ние не бегаме од судење. Сметам дека ова со враќањето на пасошот треба да биде пракса за сите осомничени за ваков вид кривични дела под вакви околности, кога е дадена гаранција“, вели Николоски.

    Марковски на 29 јули преку граничниот премин „Табановце“ отпатува во Србија, откако претходно Основниот суд во Струга му го врати пасошот по приложена гаранција од над пет милиони евра. При преминувањето на границата, Марковски бил задржан на полициска проверка, но потоа му било дозволено да ја напушти државата, бидејќи во системот немало активна мерка што го спречува во тоа.

    Откако бизнисменот отпатува надвор од државата, во јавноста имаше шпекулации дека тој побегнал и обвинувања на адреса на обвинителството зошто се дозволило судот да му го врати пасошот кога е осомничен за тешки кривични дела.

    Претходно, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струга, на 15 јуни 2026 година, дал негативно мислење за барањето на одбраната на Марковски за враќање на пасошот. Откако одбраната поднела ново барање, обвинителот го реферирал предметот до Вишото јавно обвинителство Битола. Оттаму, вишиот јавен обвинител побарал да се даде позитивно мислење, односно да се уважи предлогот на одбраната за враќање на привремено одземената патна исправа.

    „Како аргументи за ваквата одлука, вишиот јавен обвинител изнесува став дека со определената гаранција се исклучени околностите кои укажуваат на опасност од бегство на обвинетиот. Воедно, се прифаќаат аргументите на одбраната дека обвинетиот поседува фирма во Србија, чие работење е сериозно доведено во прашање, и дека постои можност да биде нанесена ненадокнадлива штета доколку тој во најкраток можен рок не отпатува таму за да потпише документација во врска со работењето на фирмата. Сите аспекти на ваквата одлука и соодветната аргументација ќе бидат испитани. Во моментов, не може да се смета дека обвинетиот е во бегство и тој има обврска да се јавува пред судот“, соопштија од Јавното обвинителство.

    За случајот премиерот Христијан Мицкоски најави истрага поврзана со обвинител од Вишото јавно обвинителство во Битола, кој дозволил да му биде вратен пасошот на бизнисменот Марковски.

    „Тука има груба манипулација од еден локален јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство, кој е соучесник во овој процес. И тоа нема така да заврши. Не би сакал да шпекулирам со имиња. Допрва ќе следи истрага за овој случај, затоа што од страна на надлежното Основно јавно обвинителство имаме поинаков извештај од тој што е приложен до Вишото јавно обвинителство во Битола. Ова нема така да заврши, лично јас ви гарантирам и лично ќе го следам тој процес“, изјави Мицкоски.

    Марковски, како сопственик на „Марковски компани“, е меѓу осумте обвинети физички лица, додека неговата компанија, како правно лице, е опфатена во постапката за злоупотреби при тендери за дислокација на погонските станици од рудникот „Осломеј“ во рудниците во Битола, во вредност од 1,7 милиони евра.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира