ДА НЕ МУ СЕ ДОЗВОЛИ НА ГАЗДАТА НА „ПУЛС“ ДЕЈАН ЈОВАНОВ ДА ИЗЛЕЗЕ ОД ПРИТВОР НА 3 ОКТОМВРИ, БАРА ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗА ГОНЕЊЕ ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ КОЕ ПОБАРА И НОВ ПРИТВОР ЗА ДАВАЊЕ ПОТКУП ВО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЕКОНОМИЈА

    ДА НЕ МУ СЕ ДОЗВОЛИ НА ГАЗДАТА НА „ПУЛС“ ДЕЈАН ЈОВАНОВ ДА ИЗЛЕЗЕ ОД ПРИТВОР НА 3 ОКТОМВРИ, БАРА ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗА ГОНЕЊЕ ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ КОЕ ПОБАРА И НОВ ПРИТВОР ЗА ДАВАЊЕ ПОТКУП ВО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЕКОНОМИЈАИстрагата стравува дека Дејан Јованов, кому на трети октомври му истекува притворот во големото судење за поѓарот во „Пулс“, а кој повеќе не може да се продолжува, ќе избега од Македонија ако не му се одреди нов привор. (Фото: СДК.МК)

    И Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отвори истрага против газдата на кочанското диво диско „Пулс“ Дејан Јованов, првообвинет за катастрофалниот пожар со 63 загинати млади лица, и на само два дена пред истекувањето на притворот за него, бара нов притвор за давање поткуп. Ако Кривичниот суд го одобри притворот, значи дека Јованов нема да излезе да се брани од слобода.

    Јованов, кој треба да излезе од притвор на 3 октомври, се сомничи дека во два наврата на обвинетиот службеник Џеваир Камбери од Министерството за економија му дал пари за да му биде издадена лиценца за незаконското диско/кабаре „Пулс“, дури и без да поднесе барање за лиценца. Камбери е обвинет за примање поткуп во големиот судски процес што го води Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кочани.

    „Осомничениот дал поткуп на службено лице во Министерството за економија за да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши, односно да му обезбеди лиценца за вршење угостителска дејност, без воопшто да поднесе барање за лиценца и во услови кога знаел дека неговиот објект не исполнувал законски услови. Поради опасност од бегство на осомничениот за ова кривично дело за кое е предвидена казна затвор од 1 до 10 години, како и фактот дека против него се води уште една кривична постапка за Тешки дела против општата сигурност, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор“, соопшти вечерва Обвинителството.

    Имено, осомничениот Јованов досега беше обезбеден како обвинет во друга постапка. Но, со оглед на тоа што во однос на тоа дело истекуваат законските рокови за обезбедување, а јавниот обвинител од ОЈО ГОКК продолжува да прибира докази во однос на дејствијата на поткуп, тој проценил дека ризиците за обезбедување на осомничениот се големи и побара да му биде определена притворска мерка.

    „Јавното обвинителство оценува дека притворот е апсолутно неопходна мерка за обезбедување на присуството на овој осомничен, ценејќи ги сите околности и основи. Службеното лице кое го примило поткупот веќе е обвинето и против него се води судска постапка за дејствија на примање поткуп“, рече Обвинителството.

    Од Основниот кривичен суд Скопје рекоа дека утре ќе се одлучува за барањето на ОЈО ГОКК „за определување нови мерки за обезбедување присуство против Дејан Јованов“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира