Денешното продолжение на големото судење во судницата во Идризово за катастрофалниот пожар во незаконската дискотека „Пулс” во Кочани во кој загинаа 63 млади луѓе и над 210 беа повредени, треба да е почеток на изведување на доказите на обвинетите и на нивните адвокати.
Но, над два часа продолжија забелешките на одбраната на тимот вештаци предводен од професорот на Градежниот факултет Горан Марковски, кој тим на моменти беше и навредуван од адвокатите и одбранат како нестручен, несоодветен, некомпетентен, на што судијката Дијана Груевска-Илиевска неколку пати реагираше.
Од место реагираа и родителите на загинатите деца во ужасниот пожар кој на 16 март 2025 година, од вградените материјали во импровизираната дискотека, разви температура од 800 степени. Вештаците тоа многу детално го објаснија, разграничувајќи што е причината за пожарот и за катастрофалните последици, смрт, тешки изгореници, труења и други тешки и полесни повреди.
Родителите во поголем број беа дојдени да слушнат како 34-та обвинети ќе докажуваат дека немаат удел и заслуга во трагедијата во Кочани.
Како обвинителот Дарко Јакимовски, така и родителите побараа обвинетите и одбраната да престанат да ја манипулираат јавноста.
„Од денеска одбраната започнува со своите сведоци и вештаци. Јавно прашуваме: кој од нив ќе докаже дека објектот имал законска пренамена, сопствен паркинг и исполнети минимално-технички услови? Кој ќе докаже дека лиценца за салон за теписи важела за дискотека? И кој ќе го оправда непостапувањето на Општината и институциите што го зави Кочани во црно?”, потсети родителот на починатата Надица, Александар Наунов, за што се обвинетите на обвинителна клупа.
Обвинителот Јакимовски рече да се престане со тоа: „не сме ја запалиле дискотеката”.
„Вие сте обвинети за непостапување и за пропусти. Да сте постапувале по законот, пожар со вакви последици немаше да има. Молам да не се манипулира јавноста”, побара обвинителот.
Наунов не ги заборави ни обвинетите од обезбедувањето во „Пулс”.
„Обвинетите од обезбедувањето, не се на обвинителна клупа затоа што по избувнувањето на пожарот спасувале или не спасувале. Тука се поради сомнението дека не ги исполниле обврските пред трагедијата, кога таа требало да се спречи. Херојство откако сè било во пламен, не ја брише одговорноста за она што не било направено претходно”, кажа родителот.
Според роднините на настраданите деца, сведоците на одбраната нема да го сменат фактот дека жртвите се загинати во фабрика за теписи со еден влез и излез.
„Се обидуваат да го бранат неодбранливото. Правдата можат да ја одолжуваат. Вистината – не!”, рекоа денеска родителите на загинатите деца во „Пулс”.
С. К. ДЕЛЕВСКА



