Пет отсто од речиси 3 илјади ученици на 15 и 16-годишна возраст пријавиле дека користеле канабис барем еднаш во животот, 4,3% во последната година, додека 2,6% пријавиле употреба во последниот месец од истражувањето на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Терминот „канабис“ се однесува на хашиш и марихуана.
Извештајот на ИЈЗ е насловен „Европски проект за истражување во училиштата за алкохол и други дроги во Македонија“ и е објавен на 22 декември.
Помеѓу 2008 и 2024 година, преваленцата на употреба на канабис кај учениците покажа релативна стабилност, со мали флуктуации во текот на годините. Употреба на канабис во било која прилика во текот на живот е пријавена од 5,5% од учениците и во 2008 и во 2024 година. Благ пад е забележан во 2015 (5,0%), по што следело зголемување во 2019 кога достигнала 6,1%, највисока стапка забележана во текот на набљудуваниот период. До 2024 преваленцата во текот на целиот живот се вратила на исто ниво како во 2008.
„Иако овие бројки се скромни во споредба со употребата на алкохол или тутун, конзистентноста на консумирањето канабис сугерира дека тоа останува постојан и нормализиран елемент на ризично однесување кај адолесцентите. Употребата на други недозволени супстанции како што се екстази, амфетамини и кокаин останува релативно ниска, генерално под 2%. Сепак, злоупотребата на лекови како што се транквилизери/седативи и лекови против болки, се чини дека е почеста. Околу 6,6% изјавиле дека користат транквилизери/седативи без рецепт, а 10,1% користеле лекови против болки за да се надуваат ‘хај’. Овие однесувања се особено загрижувачки поради перцепцијата дека фармацевтските производи се ‘побезбедни’ или помалку недозволени, и затоа што тие често се подостапни за адолесцентите преку ординациите на лекарите, но, и преку нивните родители/ баби/дедовци кои најчесто ги имаат овие лекови дома“ вели извештајот.
Како и насекаде во Европа, така и во Македонија, постои широк спектар на дроги, често со висока јачина или чистота, каде што знаењето за здравствените ризици е ограничено, особено кај младите луѓе.
„Перцепциите на учениците за ризикот варираат во голема мера во зависност од супстанцијата и фреквенцијата на употреба. Иако редовното пушење и употребата на канабис се сметаат за високоризични од повеќето ученици (околу 60–70%), перцепираната опасност од е-цигарите е многу помала. Само 31,3% ја сметаат редовната употреба на е-цигари за многу ризична. Голем број ученици, исто така, одговориле со ‘Не знам’ кога биле прашани за загреан тутун и синтетички дроги, што укажува на празнини во знаењето што би можеле да се искористат со лажен маркетинг или дезинформации од врсниците“, се вели меѓудругото во заклучокот на извештајот.
Прашањето за употребата на канабис во текот на минатиот месец, што одразува понова и потенцијално редовна потрошувачка на канабис, следеше со сличен тренд. Во 2008, 2,1% од учениците пријавиле дека користеле канабис во последните 30 дена. Оваа бројка малку се зголемила – 2,2% во 2015 и дополнително се зголемила – 2,7% во 2019. Во 2024, преваленцата била 2,6%, што укажува на мало опаѓање од врвот, но сепак е повисока од стапките забележани во 2008 и 2015.
Преваленцата на рана употреба на канабис – дефинирана како прва употреба на 13 години или помлади – е релативно ниска кај учениците. Генерално, 1,3% од учениците пријавиле дека започнале со употреба на канабис на оваа рана возраст. Кога се анализирани по пол, момчињата имаат повеќе од двојно поголема веројатност од девојчињата да почнат рано да користат канабис, при што 1,7% од момчињата во споредба со 0,8% од девојчињата пријавиле употреба на 13 години или помлади.
Преваленцата на употреба на канабис на возраст од 13 години или помлади кај учениците останала релативно стабилна во периодот од 2008 до 2024 година, со мали флуктуации.
Кај момчињата, раната употреба на канабис била пријавена од 1,9% во 2008, малку се зголемила на 2,3% во 2015, пред да се намали на 1,6% во 2019, а потоа повторно малку да се зголеми на 1,7% во 2024. Кај девојчињата, стапките се постојано пониски, почнувајќи од 0,5% во 2008 и постепено зголемувајќи се на 0,8% во 2024.
Генерално, во вкупниот процент на ученици кои започнуваат со употреба на канабис на 13 години или помлади нема значителни разлики.
Меѓу учениците кои пријавиле дека користеле канабис во последните 12 месеци, најчесто користената форма на канабис била марихуаната (трева), со 4,1% кои пријавиле нејзина употреба. Веднаш по неа следел канабисот измешан со тутун, за кој пријавиле употреба 3,9% од учениците. Хашишот бил поретко користен, при што 2,1% навеле негова употреба во изминатата година.
Екстази (МДМА) е пријавено дека некогаш користеле 0,8% од учениците, со малку поголема преваленца кај момчињата (1,1%) во споредба со девојчињата (0,5%).
Амфетамини користеле 1,1% од учениците во текот на нивниот живот, со минимална разлика меѓу половите, иако момчињата (1,3%) пријавиле малку поголема употреба од девојчињата (1,1%). Употребата во изминатата година била вкупно 0,7%.
Метамфетамините покажале помала преваленца, со 0,5% кои пријавиле употреба во текот на животот, првенствено момчињата (0,8%). Само 0,4% користеле метамфетамини во последната година.
Кокаин е пријавен од 1,5% од учениците во текот на нивниот живот, повторно почесто кај момчињата (1,9%) отколку кај девојчињата (1,2%). Минатата година употребата изнесувала 1,0%.
Крек кокаин користеле 0,5% од учениците во текот на животот и минатата година, исклучиво кај момчињата.
Хероин пријавиле 0,7% од учениците во текот на животот и 0,5% во последната година, при што момчињата повторно покажуваат повисоки стапки од девојчињата.
Употребата на инхаланти, кои вклучуваат супстанции како лепило или растворувачи, имале највисока преваленца во текот на животот меѓу сите наведени супстанции, од 2,1% , со слични стапки кај момчињата и девојчињата. Минатата година употребата се намалила на 1,0% .
Новите психоактивни супстанции (НПС) , биле користени од 1,4% од учениците во текот на нивниот живот и 1,3% во последната година. Распределбата според пол била избалансирана.
Други помалку пријавувани супстанции вклучуваат ЛСД (0,5%), магични печурки (0,8%), ГХБ (0,5%) и фентанил (0,4%), сите со поголема употреба во текот на животот кај момчињата.
Дрогите што ги земале со инјектирање ги пријавиле 0,6% од учениците во текот на нивниот живот, а алкохолот во комбинација со таблети го пријавиле 2,3% , што покажува малку поголема преваленца кај девојчињата (2,4%) отколку кај момчињата (2,2%).
Употреба на анаболни стероиди е пријавена од вкупно 0,9% , со многу поголема преваленца кај момчињата (1,7%) отколку кај девојчињата (0,2%) (Табела 6).
Истражувањето ЕСПАД 2024 нуди суштински и навремен преглед на однесувањата, ставовите и ризичните средини на учениците на возраст од 15 до 16 години во Македонија. Со национално репрезентативен примерок од над 2.800 ученици, студијата ги истакнува постојаните и новите модели на употреба на супстанции, како и поврзаните психосоцијални и бихејвиорални трендови. Целната популација на истражувањето се состоеше од ученици родени во 2008 година кои биле запишани во прва година во средните училишта во Македонија во времето на спроведување на истражувањето. Оваа популација беше избрана во согласност со ЕСПАД протоколот, кој се фокусира на ученици кои имаат 15 или 16 години – возрасната група за која се смета дека е изложена на зголемен ризик од започнување со употреба на супстанции. Рамката за земање примероци ги вклучуваше сите редовни средни училишта (општи и стручни) во државава. Приватните училишта и училиштата за деца со посебни потреби не беа земени предвид.
Учествуваа 96 училишта, со 182 паралелки и 2.865 ученици кои го пополнија прашалникот. По чистењето на податоците, конечниот број на валидни прашалници беше 2.831.
- ТРЕТИНА ОД УЧЕНИЦИТЕ ПРОБАЛЕ АЛКОХОЛ НА ВОЗРАСТ ПОД 13 ГОДИНИ, ВЕЛИ ИСТРАЖУВАЊЕ НА ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ
- НАД 70 ОТСТО ОД ТИНЕЈЏЕРИТЕ ЗНААТ ДЕКА ПОМИНУВААТ ПРЕМНОГУ ВРЕМЕ НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ, 33 ОТСТО ВЕЛАТ ДЕКА ОД ТОА СЕ ЛОШО РАСПОЛОЖЕНИ, РЕЧЕ ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ
Б. НЕСТОРОСКА





