ДЕЦАТА СЛУШААТ И САКААТ ДА УЧАТ АКО ИМ ГО НАПРАВИМЕ ЧАСОТ ИНТЕРЕСЕН, ВЕЛИ НАДИЦА МИТЕВСКА, ПРОГЛАСЕНА ЗА НАЈДОБРА НАСТАВНИЧКА ЗА 2026 ВО СКОПЈЕ

ДЕЦАТА СЛУШААТ И САКААТ ДА УЧАТ АКО ИМ ГО НАПРАВИМЕ ЧАСОТ ИНТЕРЕСЕН, ВЕЛИ НАДИЦА МИТЕВСКА, ПРОГЛАСЕНА ЗА НАЈДОБРА НАСТАВНИЧКА ЗА 2026 ВО СКОПЈЕНадица Митевска секоја учебна година за своето одделение организира околу 15 до 20 воннаставни активности, меѓу кои ликовни и литературни конкурси, работилници и посети. (Фото: СДК.МК)

Надица Митевска од основното училиште „Војдан Чернодрински“ е најдобра наставничка за 2026 година во Град Скопје. Митевска работи како одделенска наставничка 25 години, десет од нив минала со договор на дело, менувајќи училишта и не знаејќи секој септември каде ќе ја однесе следната учебна година. Но, никогаш не се откажала од професијата бидејќи, како што вели во разговорот за САКАМДАКАЖАМ.МК, отсекогаш сакала да биде наставничка. На ​​18 ноември таа ја доби наградата на  манифестацијата „Просветен работник на годината на град Скопје” за учебната 2025/2026 година, во организација скопското Здружението на просветни работници и на Град Скопје.

„Училиштето не се само часовите. Ако сакате да извлечете нешто повеќе од ученикот, мора да имате активности надвор од редовната настава, за да видите колку може детето. Децата се многу среќни, со огромна возбуда го доживуваат учеството во нешто “, вели Митевска, додавајќи дека образованието не е само пренесување знаење од наставникот кон ученикот. „Тоа е и откривање на способностите, развивање на самодовербата и создавање чувство дека секое дете може да придонесе за заеднички успех“, вели таа.

Во овие 25 години образувала многу ученици, а покрај редовната настава организира голем број воннаставни активности како ликовни и литературни конкурси, работилници, посети и хуманитарна работа, убедена дека секое дете има способност што треба да се открие и поттикне.

„Ова признание е потврда дека трудот што го вложуваме, секојдневната грижа и љубовта што им ја даваме на децата се ценат и почитуваат и надвор од училницата. Но, ова не е само моја заслуга. Зад него стојат моето семејство, колешките, директорката која безрезервно ја поддржува секоја моја идеја, родителите и децата од сите генерации со кои имаме трајно пријателство. И, секако, мојот ментор и педагог, која ме научи што значи да се биде наставник во вистинска смисла на зборот“, вели Митевска.

Нејзината професионална приказна почнала во 1994 година во Тетово, а од 1998 година работи во Скопје. Десет години работела со договор на дело, во различни училишта, со неизвесност дали следниот септември повторно ќе биде на истото работно место.

„Таман ќе се адаптирате на едно место, а веќе во септември не знаете каде ќе одите. Не беше лесно. Но, не се откажував, бидејќи уште како дете сакав да бидам наставник. Главната цел ми беше љубовта кон професијата. Не можев да се замислам дека ќе работам нешто друго“, вели таа.

Надица со ученикот Стефан Рапочиќ кој лани прочитал 41 книга и бил прогласен за читател на годината од библиотеката „Браќа Миладиновци“. (Фото: СДК.МК)

Во училиштето „Војдан Чернодрински“ од скопската Општина Карпош дошла во 2011 година, најпрво две години работела како одделенска наставничка во дневен престој, а од 2013 и како одделенска наставничка. Денес работи со својата трета генерација ученици во ова училиште.

Секоја учебна година организира околу 15 до 20 воннаставни активности, меѓу кои ликовни и литературни конкурси, работилници и посети. Минатата година, како еден од најзначајните моменти, ја издвојува хуманитарната ликовна изложба организирана за ученик од училиштето кој нема родители и за родителка кој боледува од рак.

Инсистира во активностите да бидат вклучени сите ученици, а не само оние кои веќе покажуваат талент за одредена област. Кога настапува на литературни конкурси, често работи со целото одделение, наместо да ги избере само најнадарените деца.

„Ме прашуваат зошто правам песна, проза или поезија со цело одделение, зошто не ги земам само талентираните. Но тие што се талентирани, со мала насока ќе продолжат да творат и понатаму. Мојата главна цел е и оние на кои пишувањето не им оди толку лесно да се вклучат, да бидат активни и да почувствуваат дека нешто направиле. Многу е важен заедничкиот успех. Така сите се посреќни“, објаснува Митевска.

Како пример го наведува успехот на учениците кога биле прво одделение и сè уште не биле описменети. Преку слики и игра создавале литературни творби, со кои освоиле две први места на конкурс на библиотеката „Другарче“, едно за проза и едно за поезија.

Митевска смета дека денешното образование не може да се потпира само на методите што се користеле пред 20 или 30 години. Добрата практика од минатото треба да се зачува, но наставникот мора да ги следи и новите технологии, потребите на децата и промените во општеството.

„Светот оди напред, а и наставникот мора да оди напред. Не можете да останете во минатото. Методите што се покажале како добри и денес ги користиме, но мора да ги следиме и новите начини на работа. Технологијата им е достапна на децата и ние мора да бидеме во чекор со времето“, вели таа.

Вештачката интелигенција, според неа, може да биде корисна алатка во образованието, но само ако наставникот знае како да ја насочи и контролира нејзината употреба. Со интерактивни квизови на паметна табла, тридимензионални модели на геометриски форми, визуелизации на скелетот и виталните органи, учениците можат да го доживеат учењето на поинаков начин.

„Многу е важно наставникот да знае како и на кој начин да ја користи вештачката интелигенција. Таа овозможува прекрасни, креативни часови. Фокусот на учениците е поинаков кога имаат интерактивна настава, кога можат да допрат, да поместат, да видат како функционира нешто“, вели таа.

„Многу е важно наставникот да знае како и на кој начин да ја користи вештачката интелигенција. Таа овозможува прекрасни, креативни часови. Фокусот на учениците е поинаков кога имаат интерактивна настава, кога можат да допрат, да поместат, да видат како функционира нешто“, вели Митевска. (Фото: СДК.МК)

Митевска не верува дека денешните деца едноставно немаат концентрација, како што често се тврди поради мобилните телефони, кратките видеа и социјалните мрежи. Според неа, проблемот често е во начинот на кој се организира наставата.

„Часот мора да биде интересен, мора да има нешто необично, нешто различно секој ден за да им го привлечете вниманието. Ако нема интеракција меѓу учениците и наставникот, фокусот се губи. Замислете вие како возрасен да отидете на двочасовно предавање на кое монотоно се чита од презентација. Ниту вам нема да ви биде интересно“, вели таа.

Една од темите на кои особено работи е читањето. Таа смета дека слабите резултати на учениците во читање со разбирање не треба едноставно да се припишуваат на недоволната посветеност на наставниците. Според неа, треба да се земат предвид и возраста и развојот на децата, како и наставните содржини што понекогаш се поставени на повисоко ниво од нивните можности. Но, додава дека многу зависи и од тоа како наставникот ќе ги мотивира децата да читаат, како и од поддршката што ја добиваат дома.

Неодамна во училиштето почнале да ја спроведуваат кампањата за поттикнување на детското читање на фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“, во соработка со Александар Марјановиќ и Ксенија Маказлиева од „Просветно дело“. Митевска, покрај активностите со учениците, одржала и кратко визуелно предавање за родителите за значењето на читањето и неговото влијание врз развојот на детскиот мозок.

Во нејзиното одделение се избира и „читател на месецот“, а минатата учебна година ученикот Стефан Рапочиќ бил прогласен за читател на годината и од библиотеката „Браќа Миладиновци“. Во текот на една учебна година прочитал 41 книга.

„Можеби ефектот нема да биде кај сите деца, но јас велам дека и тројца да пројават таков интерес, тоа е резултат“, вели таа.

Митевска вели дека времето во кое живееме го променило начинот на кој децата и родителите го доживуваат училиштето, но не се согласува дека почитта кон наставниците целосно исчезнала. Во своето 25-годишно искуство, вели дека немала недоразбирање со родител или ситуација во која родител покажал непочитување кон неа.

„Тоа е така затоа што прво вие како наставник покажувате дека сте човек, дека сте тука за доброто на децата, дека тие ви се доверени и дека во никој случај не сакате да им наштетите. Родителите треба да ве доживеат како човек кој се грижи за нивните деца, а не како некој што само покажува авторитет“, вели таа.

Минатата година со учениците работеле на конкурс на Педагошкиот факултет во Битола, посветен на темата „Гласот против насилството“. Две-три недели разговарале за тоа што претставува врсничкото насилство, објаснувајќи им дека и навредливиот збор упатен кон другарче е форма на вербално насилство. Потоа создале стихотворба, на која додале музика со помош на алатка за вештачка интелигенција. Песната освоила прво место, а денес е химна на училиштето и се пушта пред секоја работилница. (Фото: СДК.МК)

За врсничкото насилство, кое сè почесто се поврзува и со социјалните мрежи, снимањето, фотографирањето и споделувањето содржини без согласност, вели дека ваквите случаи низ годините се зголемуваат. Во нејзините одделенија досега немала личен случај на врсничко насилство.

Минатата година со учениците работеле на конкурс на Педагошкиот факултет во Битола, посветен на темата „Гласот против насилството“. Две-три недели разговарале за тоа што претставува врсничкото насилство, објаснувајќи им дека и навредливиот збор упатен кон другарче е форма на вербално насилство. Потоа создале стихотворба, на која додале музика со помош на алатка за вештачка интелигенција. Песната освоила прво место, а денес е химна на училиштето и се пушта пред секоја работилница.

„Мора да работите со децата и училиштето да биде целосно вклучено и постојано будно. Контролата не може да заврши на училишната врата и родителите мора да бидат вклучени во разговорите со децата за одговорното користење на интернетот“, вели Митевска.

А. АНТЕВСКА

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира