ДИРЕКТОРИТЕ И ОПШТИНИТЕ ВЕЛАТ ДЕКА ВО ИДНИНА ЌЕ ВНИМАВААТ ШКОЛСКИТЕ ДВОРОВИ ДА НЕ СЕ ПРЕТВОРААТ ВО КАФЕАНИ, СЕГАШНИТЕ ДОГОВОРИ ИМААТ АНОМАЛИИ

    ДИРЕКТОРИТЕ И ОПШТИНИТЕ ВЕЛАТ ДЕКА ВО ИДНИНА ЌЕ ВНИМАВААТ ШКОЛСКИТЕ ДВОРОВИ ДА НЕ СЕ ПРЕТВОРААТ ВО КАФЕАНИ, СЕГАШНИТЕ ДОГОВОРИ ИМААТ АНОМАЛИИГимназијата „Георги Димитров“ има склучено договор на 5 години со клубот „Мак тенис про“ за месечна кирија од 60.000 денари кој истекува за една година. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Школски дворови изнајмени за кафулиња во кои се точи и алкохол има само во Скопје. Во другите градови училиштата имаат договор за изнајмување само на спортските терени. Изнајмувањето носи солидни приходи за училиштата, но и директорите на училиштата и локалните власти велат дека во иднина ќе се внимава со допрецизирање на договорите.

    „Има аномалии и во иднина ќе се внимава какви договори ќе се склучуваат за издавање на училишните дворови“, вели директорот на скопската гимназија „Георги Димитров“ Сашо Стоименов.

    САКАМДАКАЖАМ.МК на 20 јануари објави текст дека школските дворови се издаваат за спортски терени, а потоа се претвораат во кафеани во кои се точи алкохол и се прават забави и родендени, откако преку алатката Пријави проблем добивме над 100 пријави од граѓани.

    Еден од школските дворови каде има кафуле и во него навечер се прават забави е токму на гимназијата „Георги Димитров“. Во разговар за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот Стоименов вели дека со договорот кој бил направен немало прецизни одредби како и колку смее да работи кафулето, но во иднина ќе се внимава да не се случат вакви аномалии.

    „Просторот е издаден за спортски терени со придружни содржини. Можеби има аномалии во договорот, тој дел со забавите не е предвиден, но ние многу внимаваме тоа да не се одрази на образовниот процес и разговараме со закупците. Забави и гласна музика додека траат часовите нема, кафулето го користат учениците за да купат храна по поволни цени и е монтажен објект, не е цврста градба. Забави како што велите, можеби се случуваат за викенд, кога нема настава. Дворот на училиштето навечер го користат и голем број жители на Карпош за прошетки. Гимназијата со овие спортски терени доби многу, нив ги користат учениците секој ден за време на наставата, а по истекување на договорот за една година ќе останат наша сопственост“, вели директорот Стоименов.

    Гимназијата има склучено договор за изнајмување на дворот со клубот „Мак тенис про“, кој исто така ги користи терените после наставата и има изградено кафуле. Договорот е на 5 години, а месечната кирија е 60.000 денари.

    Одговори за условите под кои е склучен договорот за изнајмување на дворот на гимназијата „Јосип Броз-Тито“ кој е претворен во кафуле и детска игротека, побаравме и од директорката Силвана Кржовска . Таа не одговараше на нашите телефонски повици. Во смс порака ни рече дека е на состоанок и побара да ѝ пишеме порака. Испративме порака во која наведовме дека сакаме да разговараме за изнајмувањето на дворот, но одговор од Кржовска не добивме до објавување на текстот.

    Во моментов, ниту едно средно училиште во Скопје не смее да склучува нови договори за изнајмување на дворовите откако пред две години градоначалничката Данела Арсовска донесе одлука со која се забранува оваа пракса.

    „Училиштата не можат да склучуваат нови договори за издавање на училишните дворови од 2022, врз основа на одлука на Советот на Град Скопје која е потврдена и од Уставниот суд“, велат од Град Скопје.

    Oд Општината Аеродром велат дека во иднина нема да продолжи праксата за изнајмување на школските дворови со кафулиња, а од Кисела Вода велат дека во нивните училишта нема угостителски објекти туку само балони во дворови на две школи. Од Општина Центар, пак, не планираат да прекинат со оваа пракса иако голем број жители на Центар реагираат дека од спортските терени имаат голема бучава и дека до доцна навечер се игра фудбал и се создава врева.

    За разлика од Скопје, во другите градови низ Македонија нема пракса за рентање на училишните дворови и во нив да никнат кафулиња.

    Училишните дворови во Штип се под контрола, нема некакви пренамени и злоупотреби, единствено во близина на дворовите на некои училишта има по некој киоск за храна.

    Во Тетово школските дворови не се узурпирани од угостителски објекти, но за време на летниот распуст дворовите од 4 училишта се претворени во паркинзи.

    Во Битола некои од училиштата со утврден ценовник изнајмуваат термини во спортските сали за спортски здруженија, но само за спорт, нема кафулиња.

    Во Велес и во Струмица исто така нема пракса за изнајмување на училишните дворови.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира