ДИСКОТЕКА НЕ СМЕЕ ДА ИМА ВО ЗОНА НА ДОМУВАЊЕ, АМА ПОСТАПКИТЕ ЗА ЛИЦЕНЦА СЕ ОЛЕСНЕТИ И ОСТАВЕНИ НА СОВЕСТ НА ГАЗДИТЕ

    ДИСКОТЕКА НЕ СМЕЕ ДА ИМА ВО ЗОНА НА ДОМУВАЊЕ, АМА ПОСТАПКИТЕ ЗА ЛИЦЕНЦА СЕ ОЛЕСНЕТИ И ОСТАВЕНИ НА СОВЕСТ НА ГАЗДИТЕЗа дискотека не се бара ни имотен лист, ниту каква намена има објектот, ниту пак проект потпишан од овластен проектант; - Изгорената дискотека „Пулс“ со 59 жртви во Кочани. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Лиценца за дискотека може да се добие само со пријава која газдата сам си ја потпишува дека ги исполнува минимално-техничките услови. Не е потребен градежен проект потпишан од овластен проектант.  На овој апсурд посочуваат стручни лица од областа на градежништвото и урбанизмот со кои разговаравме во Секторите за урбанизам и планирање во неколку Општини, по катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која вчера загинаа 59 лица главно на возраст од 14-25 години, една од најголемите несреќи во земјава.

    Тие велат дека процедурите за лиценца за ноќен клуб, кабаре и дискотека се олеснети, баш за да може да се заобиколат строги критериуми и стандарди за безбедност. 

    Нашата струка е целосно исклучена од оваа процедура. Доколку се почитуваат стандарди, ниту едно диско во земјава што сега работи, нема да може да се отвори. Воопшто не се бара имотен лист и каква намена има објектот, не се бара проект потпишан од овластен проектант, ниту елаборат за противпожарна заштита. Имаме случаи ноќни клубови да се отвараат дури и во објекти со намена ‘домување’. Објект ‘дискотека’ не може да се вцрта во Детален урбанистички план во зона на домување. Но, овие документи не се бараат за да се добие лиценца. Само се поднесува пријава до Министерството за економијата која газдите со штиклирање ја пополнуваат дека ги исполнуваат минимално-техничките услови што се пропишани со Правилник, а никој не излегува на терен за тоа да го провери пред да се издаде лиценцата“, велат стручни лица од Секторите за урбанизам и планирање. 

    Дискотеката „Пулс“ е сместена во објект што имал намена „лесна индустрија“, односно магацин. Тој има прозорци со решетки и еден мал влез-излез. Дискотека е лоцирана во урбана средина меѓу куќи, во тесна и тешкодостапна уличка без паркинг. Колите на гостите се паркираат во околните улички и поради тоа улиците се недостапни за возила на брзата помош и противпожарната заштита.

    Според Правилникот за минимално-технички услови за вршење на угостителска дејност во член 31 кој се однесува на кабаре, ноќен бар и диско клуб објектите треба да имаат клима уред и соодветна вентилација која обезбедува промена на воздухот 20 пати во еден час. Објектите треба да имаат соодветна звучна изолација во согласност со прописите за заштита од бучава. За објектите треба да има најмалку еден излез за итни ситуации за капацитет од 100 гости, а за поголем број на лица соодветен број на помошни излези. Диско клуб на отворен простор треба да биде одалечен од станбените објекти во радиус од најмалку 300 метри возушна линија.

    Во Правилникот стои дека објектот треба да имаа соодветно снабдување со вода за пиење, приклучок за струја.

    Угостителските објекти треба да работат во согласност со прописите за заштита од пожар според кој во објектот треба да има апарати и друга опрема за гаснење пожар“, стои во член 9 кој за однесува за заштита од пожар, но не се бара документ за исполнување на овие стандарди.

    Сопствениците за да добијат лиценца треба да приложат Пријава за исполнување на минимално -техничките услови за вршење на угостителска дејност, каде само заокружуваат дека ги исполнуваат потребните услови и ставаат потпис и печат од фирмата.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира