Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) денеска соопшти дека членката Цвета Ристовска, за која вчера тврдеше дека не е дел од наставниот кадар на приватниот Универзитет за туризам и менаџмент „Скопје“, сепак имала соработка на ниво на гостин-предавач. Истовремено, Универзитетот денеска напладне повторно ги врати името и фотографијата на Ристовска од вебстраната на која е објавен нивниот наставен кадар, откако синоќа ги тргна кога ТВ „Телма“ постави прашања дали е конфликт на интерес тоа што баш Ристовска го водеше предметот за директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски.
Дел од предметот во ДКСК за Бојан Христовски беше и претставка за неговата факултетска диплома, добиена на факултет и универзитет каде во тоа време дел од наставен кадар била токму Цвета Ристовска. Токму нејзе ѝ бил доделен предметот за директорот на АНБ, во кој по анонимна претставка беше оспорена и факултетската диплома на Универзитетот „Скопје“. Таа на седницата на Антикорупциската комисија рече дека случајот е чист според известувањето на Просветниот инспекторат.
„Сакаме да укажеме дека нејзината соработка со Универзитетот за туризам и менаџмент Скопје била на ниво на гостин-предавач и никогаш за финансиски надомест или друг тип договорна соработка. Оттаму, сметаме дека не постои никаков судир на интерес бидејќи нема никаква поврзност со наведниот универзитет“, соопшти денеска Антикорупциската комисија.
Вчера, во соопштение пак, ДКСК рече дека информациите што го објави „Телма“ дека Ристовска е ангажирана како дел од наставниот кадар од Универзитетот, „се апсулутно шпекулативни, манупулативни и вооппшто не кореспондираат со предметот на постапката што се водеше пред ДКСК.Со ваквиите наводи медиумот само се обидува да ја замајува јавноста дека позади ваквата одлука стојат некои други шпекулативни интереси, а не правото и законитоста“.
Но, во официјалната биографија на Ристовска, која во пдф формат е поставена на вебстраната на ДКСК, на страна 2 во делот „Образование и обука“ стои дека од 28.04.2011-тековно е магистер по економски науки на Универзитет за туризам и менаџмент. На страна 3 стои дека од 1981-1991 студирала и дипломирала на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Економски факултет – Скопје.
Во сегментот „Публикации, Презентации, Проекти, Семинари, Конференции“ во биографијата, на страна 6 стои „Спроведување настава од наставен предмет – ревизија, Универзитет за туризам и менаџмент, Скопје, 2012 година-тековно“. Ристовска дури и на инстаграм страната на Универзитетот во април како колешка добила и роденденска честитка.
ДКСК денеска соопшти дека „Во однос на предметот за директорот на АНБ, што се однесува на оспорената факултетска диплома, надлежна иснтитуција која ги утврдува фактите е Државниот просветен инспекторат врз основа на чиј записник од спроведен инспекциски надзор е донесена одлуката на ДКСК.Во однос на овој случај, сакаме да укажеме дека ДКСК нема надлежност да презема истражни дејствија во однос на веродостојноста на сертификатот за познавање на странски јазик и тоа прашање е во надлежност на истражните органи“.
На 24 декември Антикорупциската комисија едногласно одлучи дека директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Бојан Христовски ги исполнува сите услови за да биде директор на Агенцијата. Државниот просветен инспекторат, Дирекцијата за класифицирани податоци, МВР и други институции, одговориле дека и дипломите, и 240-те стекнати кредити, и работата на приватниот универзитет за туризам и менаџмент му се по закон.
За ТОЕФЛ уверението за англиски јазик добиено од школа во Пловдив, Бугарија која немала таква дејност, членката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) Цвета Ристовска кажа дека Обвинителството е тоа кое има надлежност да проверува валидност на ТОЕФЛ-сертификати.