Дрвјата што се спасија од пожарите кои секое лето голтаат дел од Снеговските Ридишта над Битола, тешко успеваат да ги избегнат моторните пили на дрвокрадците. По трет пат овој месец, екипата на САКАМДАКАЖАМ.МК се искачи од манастирот „Свети Јован“ кај Германските гробишта до Снеговскиот врв, на 1.243 метри надморска височина. Секој пат имавме блиски средби со дрвокрадци.

На одредени места затекнавме купишта исечени стебла со димензии соодветни за транспорт со двоколките. (Фото: СДК.МК)
Патеката, долга час и половина пешачење, на почетокот минува низ млада листопадна шума која одвај успеала да се обнови од пожарите во изминатите дваесетина години. За жал, дел од дрвјата станаа трупци под налетот на дрвокрадците. Потоа следуваат ридишта, целосно соголени – дел од пожари, дел од сеча.
Додека се движевме по земјените патеки, нè разминуваа повеќе самоделски двоколки. Направени од дрва, веројатно од стеблата што претходно ги исекле, со по две автомобилски тркала монтирани на краевите. На нив беа качени дрвокрадци кои ги управуваа коњите што ги влечеа двоколките. Коњите ги имаа изорано земјените патеки по средината со вдлабнатини длабоки и до половина метар. Моравме да внимаваме да не свиткаме нога.

Коњите ги изорале земјените патеки по средината со вдлабнатини длабоки и до половина метар (Фото: СДК.МК)
Кон врвот, шумата стануваше погуста, а со тоа и звукот од моторните пили погласен. На одредени места затекнавме купишта исечени стебла со димензии соодветни за транспорт со двоколките.
„Од врвот, па сè до местото викано Бранејца, на околу два километра, крадците си оперираат на раат. Ни отиде ридот за да се купи социјален мир“, вели планинар од Битола кој не сакаше да биде именуван, стравувајќи дека потоа може да биде нападнат од арамиите.

Дел од дрвјата станаа трупци под налетот на дрвокрадците, потоа следуваат ридишта, целосно соголени – дел од пожари, дел од сеча. (Фото: СДК.МК)
Од Шумската полиција за САКАМДАКАЖАМ.МК соопштија дека во текот на зимскиот период спроведуваат засилени и секојдневни теренски контроли на подрачјето на Снеговските Ридови заради спречување нелегална сеча, складирање и транспорт на огревно дрво. Во текот на 2025 година, од Шумската полициска станица Битола биле евидентирани повеќе случаи на нелегална сеча, за кои до надлежните институции биле поднесени 143 прекршочни и 2 кривични пријави. Околу 90 отсто од постапките се однесувале на подрачјето на Снеговските Ридови.

Снеговските Ридови со години се оставени на милост и немилост, речиси целосно оголени, без некогашната шума што ја штитеше Битола. (Фото: СДК.МК)
Наспроти дрвокрадството, со години граѓански активисти се обидуваат да ги пошумат Снеговските Ридови.
„Снеговските Ридови со години се оставени на милост и немилост, речиси целосно оголени, без некогашната шума што ја штитеше Битола. Како граѓани, не ги чекавме институциите, туку повеќепати организиравме акции за пошумување на делот кај манастирот Кркардаш, со искрена желба барем дел од ридот повторно да оживее. Реалноста е јасна: една граѓанска иницијатива, колку и да е мотивирана, нема капацитет сама да пошуми цел рид. Затоа упатуваме отворен апел до надлежните: потребна е организирана, стручна и долгорочна акција за целосно пошумување на Снеговските ридови“, вели Драган Велјановски, еден од организаторите на акцијата „Зелен Баир“.
Пред пожарите во 2007 и масовната сеча, Снеговските Ридишта претставуваа бели дробови за Битола. Шумата имаше големо влијание врз амортизацијата на аерозагадувањето, но претставуваше и одбранбен појас од ерозија на земјиштето и појава на свлечишта.
„Сегашната состојба е многу лоша. Недостатокот на шума на овие ридишта, во комбинација со геолошкиот состав на земјиштето кое е песокливо, влијае врз интензивна појава на ерозија и свлечишта. Такво свлечиште е познато токму во таа зона околу магистралниот пат М-5 и прашање на време е кога повторно ќе се активира. Од друга страна, при силни поројни дождови, целокупната вода од ридиштата се слева кон Битола, особено кон населбата Баир, и овој дел од градот е под постојан ризик од поплави“, вели Мите Ристов, професор по географија и претставник на Регионалното друштво „Геосфера“ од Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА




