ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ ГО ДОГРАДИ СПОМЕНИКОТ НА МАЈКА ТЕРЕЗА НА ПЛОШТАДОТ МАКЕДОНИЈА, ДИВОГРАДБА ОД 5,5 МИЛИОНИ ЕВРА

    ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ ГО ДОГРАДИ СПОМЕНИКОТ НА МАЈКА ТЕРЕЗА НА ПЛОШТАДОТ МАКЕДОНИЈА, ДИВОГРАДБА ОД 5,5 МИЛИОНИ ЕВРАОд кабинетот на градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека имале средба со министерот за култура Седат Сулејмани, но која се разговарало за ова прашање и вклучување на Градот во доградбата на споменикот. (Фото: СДК.МК)

    Град Скопје ќе се вклучи во доградбата на споменикот на Мајка Тереза на Плоштадот Македонија. Споменикот, кој е дивоградба и го попречува движењето на плоштадот, со години стои како градилиште обрасното со треви и затрупано со ѓубре.

    Споменикот е под надлежност на Министерството за култура, но 10 години ниту се урива ниту се доградува.

    Од кабинетот на градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека имале средба со министерот за култура Седат Сулејмани, но која се разговарало за ова прашање и вклучување на Градот во доградбата на споменикот.

    „Во заеднички договор и координација, утврдено е дека објектот останува под директна надлежност на Министерството за култура и туризам, при што двете институции договорија заеднички да преземат соодветни активности со цел довршување на започнатиот споменик“, велат од Град Скопје.

    Сега треба да се распише тендер за довршување на градежните работи, со оглед дека договорот со изведувачот „Бетон“ беше раскинат.

    Споменикот на Мајка Тереза е меѓу објектите од озлогласениот проект „Скопје 2014“ за кој Владата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски потроши околу 700 милиони евра. Официјалниот старт на градежните работи за споменикот беше во октомври 2015, а вредноста на договорот за негова изградба е 5,5 милиони евра.

    За објектите од „Скопје 2014“ Владата на СДСМ по доаѓањето на власт во 2017 формираше работна група, која во извештајот кажа дека бетонската дивоградба споменик на Мајка Тереза треба веднаш да се урне затоа што, освен што прекршува низа закони, ја загрозува и безбедноста на централниот плоштад во земјава.

    Владата на СДСМ, која жестоко го критикуваше проектот „Скопје 2014“, додека беше на власт осум години не го чепна овој објект. Споменикот кој почна да се гради во времето на експремиерот Никола Груевски прекршува низа закони, но и покрај тоа не се најде желба и волја кај власта на СДСМ да го отстрани и да го ослободи овој јавен простор, кој и така е затрупан со споменици и градби.

    Но, Владата на СДСМ не го послуша мислењето на стручната јавност и најави дека ќе распише конкурс за идејно решение за доградба на споменикот оти помалку пари ќе се потрошат отколку за уривање. На оваа идеја реагираше стручната јавност, па и тогашниот градоначалник Петре Шилегов, кои рекоа дека ако се распише конкурс ќе го затрупаат Министерството за култура со решенија за уривање на дивоградбата. Но, конкурс не беше распишан и сега новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе го довршува објектот.

    Споменикот на Мајка Тереза беше најавен како донација на фирмата „Сахара Индија“, сопственост на контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој. Тој заедно со тогашниот премиер Никола Груевски во јануари 2013 го најавија проектот отворајќи ја спомен-плочата на Мајка Тереза на Плоштадот Македонија, на местото каде ќе се гради споменикот. Откако Рој отиде в затвор оти не платил оштета на измамени инвеститори во Индија, Владата на Груевски преку Министерството за култура и тогашната министерка Елизабета Канческа-Милевска го презеде проектот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира