Ќе се реновира подната фонтана со водоскоци на Плоштадот Македонија во Скопје, централниот плоштад во земјава, која со години не работи, а неколкупати во неа пропаднаа и камони. Градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски најави дека во рамките на активностите за обнова на фонтаните, ќе се реновира и фонтаната со водоскоците.
„Покрај оваа фамозна фонтана во која пропаѓаа неколкупати возила, ќе се реновира и фонтаната во Градски парк и фонтаната на споменикот на Децата бегалци. За овој споменик е нарачан и проект за комплетна обнова откако пред неколку години беше оштетен“, рече Ѓорѓиевски.
Во мандатот на ексградоначалничката Данела Арсовска над оваа фонтана беа поставени жардинери со зеленило, за да се спречи движење низ неа бидејќи е небезбедна.
Ѓорѓиевски вели дека во наредниот период во центарот на градот ќе се постават и три модерни тоалети. Ќе бидат поставени во Градскиот парк, на Плоштадот „Филип Втори“ и на просторот меѓу Плоштад Македонија и паркот „Жена борец“.
А. АНТЕВСКА



