ГРАЃАНИТЕ САМИ НИ ПРИОЃААТ И НУДАТ БАКШИШ, А ЗА ТОА СЕ КРИВИ И МЕДИУМИТЕ СО НАСЛОВИТЕ ДЕКА СУДИИТЕ СЕ КОРУМПИРАНИ, ТВРДИ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА КРИВИЧНИОТ СУД ЏОЛЕВ

    ГРАЃАНИТЕ САМИ НИ ПРИОЃААТ И НУДАТ БАКШИШ, А ЗА ТОА СЕ КРИВИ И МЕДИУМИТЕ СО НАСЛОВИТЕ ДЕКА СУДИИТЕ СЕ КОРУМПИРАНИ, ТВРДИ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА КРИВИЧНИОТ СУД ЏОЛЕВПретседателот на Основниот кривичен суд Скопје Иван Џолев на дебатата побара судството да се пофали. (архивска фотографија)

    Претседателот на Основниот кривичен суд Скопје Иван Џолев ги обвини медиумите дека имаат и тие вина за перцепцијата кај граѓаните дека судството е корумпирано, со тоа што постојано пишуваат дека судиите се корумпирани.

    „Судиите и обвинителите не се корумпирани. Јас сметам дека граѓаните се корумпирани и никој не пишува за тоа. Лично ми приоѓаат да сум им завршел предмет, отворено пројавуваат намера да дадат и бакшиш, не само кај мене, туку и кај други колеги. Ама јас им велам:’Ај ве молам!’ Сметам дека за тоа се виновни и медиумите, пишувајќи постојано дека судиите се корумпирани. Практично ги хранат граѓаните со такви информации и ги учат дека на тој начин треба да ја добијат правдата пред судот“, ги критикуваше претседателот Џолев медиумите на денешната дебата организирана од Антикорупциската комисија, за корупцијата во судството.

    На дебатата и судијата Владимир Туфегџиќ од Основниот кривичен суд кажа дека тежок проблем за судот и особено за судството е што најголемите корупциски предмети кои беа пред пресуда, до еден се вратија на почеток поради пензионирање на поротник. Предложи да се донесат законски измени на тие поротници да им се продолжи мандатот до завршување на судскиот процес од висок јавен интерес, предложи и други решенија и споредби со други земји.

    За разлика од него, Џолев побара судството да се пофали.

    „Зошто не се фалиме за тоа колку предмети сме завршиле? Во пандемијата во Грција се беше затворено, немаше судења. Овде не само што имаше, туку Основниот кривичен суд натфрли во бројот на решени предмети во споредба со минатата година. Каде се медиумите да пофалат? “, повторно ги прозва медиумите претседателот на Кривичниот суд.

    За потсетување, САКАМДАКАЖАМ.МК објави дека затворите се преполни со обични луѓе кои немаат пари и моќ да ги одолговлекуваат и да ги враќаат назад судењата на почеток, и да ги застарат целосно.

    Во тој текст напишавме дека 2.000 осудени лица чекаат да се ослободи легло во затворите, за да ги одлежат затворските казни.

    Меѓу тие осуденици што чекаат слободна затворска ќелија или кревет, нема осудени функционери. Нивните судења, кои беа пред завршни зборови и пресуда, се вратија отпочеток поради тоа што имаше повозрасен поротник во советот и тој вчера се пензионираше.

    Поради смена на поротник, судењата за „Титаник“ со 20 обвинети на чело со Никола Груевски, Мартин Протоѓер, Илија Димовски, Кирил Божиновски, Билјана Бришковска и други, потоа „Тендери“ со Елизабета Канческа Милевска, „Талир 1“ и „Талир2“ со Груевски и дел од раководството се вратија на почеток.

    Во најновиот Извештај за состојбата на човековите права на американскиот Стејт департмент за Македонија објавен на 31 март, се забележува и дека судската непримерност, прекумерниот притисок врз судиите, одложената правда и несоодветното финансирање на правосудството и обвинителството и натаму ги попречуваат работата и ефикасноста на судовите и дека тоа влијае врз јавната доверба во правосудството.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира