ХОЛАНДСКАТА ВЛАДА ГО УСЛОВУВА ДАТУМОТ ЗА ПРЕГОВОРИ СО ЗАКОНОТ ЗА СЈО

    ХОЛАНДСКАТА ВЛАДА ГО УСЛОВУВА ДАТУМОТ ЗА ПРЕГОВОРИ СО ЗАКОНОТ ЗА СЈОХоландскиот амбасадор Ваутер Пломп и специјалната обвинителка Катица Јанева на отворање на проектот: „Заедно за одговорност: Поддршка на Специјалното јавно обвинителство на Македонија во зајакнувањето на неговите оперативни капацитети и капацитетите за меѓународна правна соработка“ во март 2018. (Фото: СДК.МК)

    Холандската влада ќе инсистира пред Европскиот совет да го постави брзото усвојување на Законот за Јавно обвинителство, со кој треба да се реши статусот на СЈО, како услов за одредување датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ, велат од Холандската амбасада во Скопје за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Европската комисија препорача отворање преговори, но конечната одлука за датумот ја носи Европскиот совет, во кој е потребен консензус на сите 28 земји членки. Холандската влада вели дека Северна Македонија направила напредок во исполнувањето на условите за отворање преговори, но останува да се направи важен чекор во борбата против корупцијата, а тоа е брзо усвојување на законот во врска со СЈО.

    „Минатата година, Северна Македонија доби домашна задача пред да може да бидат отворени пристапните преговори. Направениот напредок за овие услови е охрабрувачки. Дополнително, Договорот од Преспа е пример за регионот. Важен чекор што треба да биде направен во борбата против корупцијата е брзо усвојување на законското решение во врска со Специјалното јавно обвинителство. Владата ќе инсистира Советот да го поврзе овој услов во одговорот на препораката на Комисијата да се отворат преговори со Северна Македонија“, велат од Холандската амбасада.

    Преговорите меѓу власта и опозицијата за Законот за Јавно обвинителство се закочени. Од власта, преговарач е министерката за правда Рената Дескоска, а од опозицијата преговарач е пратеникот Антонијо Милошоски.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира