Македонија се приклучи кон иницијативата ЕУ и партнерските држави за формирање на специјален меѓународен трибунал кој ќе ги гони високите руски функционери за злосторства во војната против Украина. Иницијативата беше одобрена од ЕУ и сојузниците, а според заедничката декларација на повеќе од 30 дипломати кои вчера се состанаа во Лавов, Украина, панелот на судии ќе биде со седиште во Хаг и ќе ги повика на одговорност највисоките претставници на руското раководство.
Меѓу поддржувачите на декларацијата е и Македонија, а министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски беше присутен на настанот во Украина. Според објавата на Фејсбук на Муцунски, тој бил единствен министер од земјите на Западниот Балкан на настанот, и „учествувал на Министерскиот состанок на основната група за формирање на Специјалниот трибунал за злосторство на агресија против Украина“.
„На состаноците беше потврдена силната поддршка за Украина, нејзиниот суверенитет и територијален интегритет, како и за иницијативата за воспоставување правна одговорност за актите на агресија. Во таа насока, ја реафирмирав принципиелната поддршка на нашата држава, повикувајќи на итен и безусловен прекин на огнот од страна на Русија и на заеднички ангажман за постигнување праведен и одржлив мир“, објави Муцунски.
Новиот министер за надворешни работи на Германија Јохан Вадефул, кој присуствуваше на средбата, изјави:
„Оваа војна, која е спротивна на меѓународното право, не смее да остане без последици. Оние кои ја сносат одговорноста за тоа, мора да бидат изведени пред легитимен суд“.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, изјави дека трибуналот ќе „обезбеди оние кои се најодговорни за агресијата врз Украина да бидат повикани на одговорност.“
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој се приклучи преку видеоврска, изјави: „Русија мора да биде повикана на одговорност за својата агресија, исто како што беа нацистите.“
Вадефул изјави и дека ќе се обиде да го убеди својот американски колега Марко Рубио оти САД треба повторно да се приклучат на групата која го поддржува трибуналот. Откако претседателот Доналд Трамп дојде на власт, САД се повлекоа од поддршката.
Групата држави – која ги опфаќа земјите членки на ЕУ, како и други држави меѓу кои Канада, Јапонија, Австралија, Костарика и Норвешка – сега планира формално да побара од Советот на Европа да склучи договор за основање на трибуналот што е можно поскоро. Пресудите ќе може да бидат донесувани и во отсуство на обвинетите – бидејќи е малку веројатно, на пример, дека рускиот претседател Владимир Путин ќе биде суден лично.
Трибуналот ќе има 15 судии, секој избран на мандат од девет години. Според проценките на ЕУ, вкупните трошоци ќе изнесуваат 1 милијарда евра.