ИЛЈАДНИЦИ ГРЦИ ВО СОЛУН ПОРАЧАА ДЕКА МАКЕДОНИЈА Е ГРЧКА, ЦИПРАС ПРИФАЌА УПОТРЕБА НА СЛОЖЕНО ИМЕ

    ИЛЈАДНИЦИ ГРЦИ ВО СОЛУН ПОРАЧАА ДЕКА МАКЕДОНИЈА Е ГРЧКА, ЦИПРАС ПРИФАЌА УПОТРЕБА НА СЛОЖЕНО ИМЕВо наредните денови се планирани протести и во други градови во северниот дел на земјата (Фото: Ројтерс)

    Илјадници Грци излегоа денеска на улиците на Солун, на првиот од неколкуте закажани протести против употребата на името Македонија во која било солуција за решавање на неколкудеценискиот спор помеѓу Атина и Скопје.

    Во наредните денови се планирани протести и во други градови во северниот дел на земјата.

    „Постои само една Македонија и таа е грчка“, „Tргнете ги рацете од Македонија“ се некои од пораките што ги упатија насобраните граѓани во центарот на Солун, веејќи грчки знамиња.

    „Оној што ќе го даде името Македонија ќе биде национален предавник“, кажаа на протестот, пренесе државната агенција МИА.

    Анкетите покажаа дека мнозинството Грци не сакаат името Македонија да се користи во која било опција (Фото: Ројтерс)

    Медиумите јавуваат за околу 30.000 луѓе, а полициски извори тврдат дека имало 50.000. Во Солун пристигнале и околу 400 автобуси со демонстранти од другите делови на Грција.

    Меѓу говорниците на протестот се појавија и највисоките свештени лица од северна Грција, вклучувајќи го и солунскиот митрополит Антимос.

    Паралелно со овој собир, во Солун се одржа и контрапротест, организиран од левичарски и анархистички организации, кои порачаа дека се против секаков облик на национализам.

    „Историски е целосно неосновано и апсурдно да се бара ексклузивност на името Македонија. Но, не е неразумно терминот Македонија да биде вклучен во едно сложено име, со географска или хронолошка квалификација, кое би било за широка употреба и со кое не би се посегнувало по територијата и историјата на други луѓе“, кажа грчкиот премиер Алексис Ципрас во интервјуто за весникот „Етнос“.

    Анкетата спроведена оваа недела покажа дека мнозинството Грци не сакаат името Македонија да се користи во која било опција.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира