ИМАЛО НА ЗАПАД ЕДНА ТОПКА, КО ЌЕ УДРИ, ПОЛА ЗГРАДА ПАЃА, МУ ВЕЛИ ГРУЕВСКИ НА ЈАНАКИЕСКИ ЗА РУШЕЊЕТО НА „КОСМОС“

    ИМАЛО НА ЗАПАД ЕДНА ТОПКА, КО ЌЕ УДРИ, ПОЛА ЗГРАДА ПАЃА, МУ ВЕЛИ ГРУЕВСКИ НА ЈАНАКИЕСКИ ЗА РУШЕЊЕТО НА „КОСМОС“Обвинетиот Никола Груевски на претходно рочиште за предметот „ТНТ“ во Основниот суд Скопје 1. (Фото: СДК.МК)

    Доказната постапка за уривањето на милионскиот комплекс „Космос“ на Фијат Цаноски во изградба затоа што во 2010 година ја напуштил коалицијата со Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, почна во Кривичниот суд со преслушување на снимки од телефонските разговори, главно меѓу обвинетите Груевски и Миле Јанакиески.

    Во разговорите Груевски се подбива и со А1 телевизија. САКАМДАКАЖАМ.МК ги пренесува само досега необјавените разговори.

    Еден месец пред упадот во А1 телевизија, кога по долго одолговлекување Цаноски добива согласност за градба, Груевски на 15.11.2011 година му раскажува за средбата со Цаноски и му дава насоки: „Сега треба да смислиш причина зошто си го држел толку време“. „Ќе смислам дека од Катастар бил проблемот“, му одговара Јанакиески. „Добро е сега да знае дека не смее да се зафркава. Не смее како сирење да не решета“, продолжува Груевски за Цаноски, кој поради упадот во телевизијата на неговиот сват Велија Рамковски и уништувањето на А1ТВ, најави напуштање на коалицијата со Груевски, а беше 81. пратеник без кој Груевски немаше двотретинско мнозинство во Парламентот.

    „Мооолим те да ми јавиш за дозволата, утре ми е Рамазан. Хахахаха“, го имитира Груевски Цаноски и се смее долго. Продолжува во истиот разговор: „Аоооо ваков досега го немам видено. Молим те, вика. Хахахахаха“, се смее тој и натаму пред Миле.

    Бидејќи оштетениот Цаноски одбива да оди во Собрание, по телефон Груевски му дава наредба на Јанакиески да му потпише дозбола за градба, но по гласањето во Собрание, како што вели во разговорот, „случајно Фијат да не го фати стомак“.

    Цаноски ја добива градежната дозвола за „Космос“, следува апсењето на Рамковски. Се раскаруваат Цаноски и Груевски, овие одлучуваат да му ја земат дозволата. Цаноски се заканува со тужби за отштета.

    „Ќе ги гони лично Коце и Тони“, му вели Груевски на Јанакиески. „Да му најдеме некоја маана?“, предлага Јанакиески и така ја измислуваат отстапката од градбата, што ќе биде главен „изговор“ за уривањето.

    Му ја враќаат дозволата, Фијат си го гради објектот и веќе на 14.07.2011 година, ден пред да се донесе решението за негово уривање, Груевски му вели на Миле: „Терај со ова утре“. „Нема причина за одлагање. Збориме за Ф.Ц., така?“, прашува Миле. „Да“, му одговара Груевски по мобилен. На 21.07. Миле го информира Груевски: „Јас ги спремив документите. Сега, како ќе ми кажете вие“. „Прашање на ден е, а не дали или не“, му враќа Груевски.

    Планот за уривањето на милионската инвестиција Космос на Фијат Цаноски од страна на обвинетите во ТНТ Никола Груевски, Миле Јанакиески и тогашниот градоначалник на Гази Баба Тони Трајковски, според бомбите што беа пуштени денеска во Основниот суд Скопје 1, е правен на Втори август, Илинден.

    „Ако се руши оздола нагоре, тоа еден месец работа, убаво вика Коце“, му вели Груевски на Јанакиески по телефон. „Првин малата, полесно е тоа. Другата со експлозиви, ќе оди еден месец“, вели Миле. „Тендер треба за експлозив. Ајде бе Миле, се јавуваат сите, притисок има“, го убрзува Груевски.

    Исто на 2 август во друг разговор Никола го прашува Миле: „Војската нема ли динамит или МВР да ја завршат работата?“ „Не, не е проблем, сите купуваат динамит од МВР“. „Нека направат проект за 2 дена, нека не се заебаваат. Нема ли некој друг да се најде, некоја фирма за рушење? Имало на Запад една топка, ја дига кран и се залулува. Ко ке удри во зграда, пола зграда со еден удар паѓа“, вели Груевски, барајќи брзи решенија.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира