Професорката Иванка Василевска (порано Додовска), членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, сè уште е претставник на Претседателот на државата во Националниот совет за евроинтеграции во Собранието. Таа за членка во ова собраниско тело беше предложена од поранешниот претседател Ѓорге Иванов во август 2017. На оваа функција беше именува 4 месеци по организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, за кој таа кажа дека бил „најмирољубив насилен влез“.
„Ова е најмирољубивиот насилен влез од страна на граѓани во историјата“, рече Василевска во директниот пренос на ТВ Нова додека траеше нападот на Собранието. ТВ Нова, чиј сопственик беше сега осудениот бизнисмен во случај на СЈО Сеад Кочан, во меѓувреме се затвори.
Професорката Василевска од април 2018 е членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
По доаѓањето на претседателската функција на Стево Пендаровски, Василевска уште не е разрешена, туку таа ги претставува ставовите на Претседателот во Советот.
Ова собраниско тело ќе има седница утре, а точка на дневен ред е – Видувањата од Берлин и Париз околу долгорочната визија за Европска интеграција. Ова е четврта седница на Советот, последната се одржа на 17 јули 2018, кога се обрати еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.
Од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека деновиве ќе биде именуван нов член, не објаснувајќи зошто Василевска досега не е разрешена.
„Кабинетот на претседателот деновиве ќе предложи нов член во Националниот совет за евроинтеграции како претставник на претседателот Пендаровски“, кусо одговорија од кабинетот на претседателот Пендаровски.
Собранискиот Национален совет за евроинтеграции има претседател, потпретседател, 15 члена и девет заменик-членови, и тоа: девет члена од редот на пратениците во Собранието, кои имаат свои заменици, и шест члена од други институции: заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, претставник од Кабинетот на претседателот на РСМ, претставник од Кабинетот на претседателот на Владата, претставник од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), од Заедницата на единиците на локалната самоуправа и од Здружението на новинарите (ЗНМ). Овие шест члена учествуваат во работата на Советот без право на одлучување. Претседателот на Советот се именува од редот на пратениците кои се во опозиција, а потпретседателот од редот на пратениците кои се на власт. Претседател на Советот е Никола Попоски, а потпретседателка Ивана Туфегџиќ.
А. АНТЕВСКА