КАКО НЕ ВИ Е СРАМ ДА СЕ ПРЕПУКУВАТЕ ПРЕД РОДИТЕЛИТЕ, 9 МЕСЕЦИ ЧЕКААТ ПРАВДА, А ВИЕ БАРАТЕ ПАУЗА, РЕЧЕ ИВАНОВСКИ ОД „СУПОРТ КОЧАНИ“ ВО СОБРАНИЕТО

    КАКО НЕ ВИ Е СРАМ ДА СЕ ПРЕПУКУВАТЕ ПРЕД РОДИТЕЛИТЕ, 9 МЕСЕЦИ ЧЕКААТ ПРАВДА, А ВИЕ БАРАТЕ ПАУЗА, РЕЧЕ ИВАНОВСКИ ОД „СУПОРТ КОЧАНИ“ ВО СОБРАНИЕТОРодителите немаат спиено девет месеци, а вие барате пауза од еден час, рече Ивановски на седницата на Постојаната анкетна комисија во Собранието. (Фото: К. Попов)

    „Како не ви е срам да се препукувате пред родителите уште пред да почне седницата? Родителите чекаат девет месеци, вие барате еден час пауза“, рече коосновачот на иницијативата „Супорт Кочани“ Иван Ивановски, како реакција на барањето на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ за час пауза на почетокот на седницата на собраниската Постојана анкетна комисија, на која денеска се расправаше по претставката од Здружението на граѓани „16 март 2025“, познато и како Здружение на родителите на загинатите деца пожарот во диското „Пулс“ во Кочани.

    „Како не ви е срам да се препукувате пред родителите уште пред да почне седницата? Ние од ‘Супорт Кочани’ за еден час направивме цела веб-страница за помош на родителите и жртвите и тоа волонтерски. А вие сте платени да работите. Родителите немаат спиено девет месеци, а вие барате пауза од еден час?! Правата на родителите беа загрозени, а врз нив постојано се вршеше притисок преку вашите пропагандни медиуми. Како младите да продолжат да веруваат во системот?, рече Ивановски.

    Тој кажа дека постојат очигледни обиди да се избегне дебата за трагедијата и да се минимизира моралната одговорност на институциите. Побара политичка одговорност од министрите и владата, потсетувајќи дека тие се претставници на институциите кои, според нив, потфрлиле и дозволиле да се случи трагедијата.

    „Сите функционери треба да излезат и јавно да кажат што работеле досега и како придонеле вакви настани да не се повторуваат. И како ги заштитиле правата на родителите кои денес се тука“, рече Ивановски од говорницата.

    На почеткот на седницата, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Иванка Василевска почна да го навредува претседателот на Комисијата Димитар Апасиев. Василевска прво со тажен и треперлив глас им се обрати на родителите, а веднаш потоа почна да вика по Апасиев дека не смее да ја води оваа Комисија бидејќи однапред обвинението го осудил на пропаст, цитираше што зборувал за истрагата и за обвинението, не им дал материјали на пратениците навреме и слично. Го обвини дека ја свикал Комисијата само за да копа по болката на родителите на загинатите и на повредените во Кочани, упатувајќи му навреди дека како професор по право не го познава правото.

    Барам еден час пауза и ги повикувам родителите на загинатите да дојдат со мене и да им пуштам изјави од Димитар Апасиев”, ги канеше таа родителите дојдени во салата „Борис Трајковски“ во Собранието.

    Апасиев даде пауза. Василевска им кажа на родителите да тргнат со неа, тие одмавнаа со главите. Продолжи да ги убедува, но ниту еден од нив не тргна по неа.

    „Остави ги Иванка, ајде”, ѝ рекоа колегите oд ВМРО-ДПМНЕ.

    За тоа време, гледаа што се случува претседателката Гордана Силјановска-Давкова, претседателот на Собранието Африм Гаши и премиерот Христијан Мицкоски, седнати во првиот ред.

    Подоцна, Апасиев ја прекина седницата и рече дека продолжението, на кое се очекува да се усвојат зкалучоци, ќе биде дополнително закажано.

    „Констатирам дека расправата по точката од дневниот ред е завршена. По исцрпната дискусија, тука ја прекинувам работата на денешната петта седница и за првото продолжение, на кое очекувам пратениците да усогласат и донесат соодветни ставови, мерки и заклучоци кои би ги предложиле на усвојување, дополнително и навремено ќе бидете известени во координација со подносителите“, рече Апасиев.

    Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март со 63 жртви и над 200 повредени почна на 19 ноември, а го води судијката Диана Груевска-Илиевска. Сите 35 обвинети физички лица и три правни лица се изјаснија за невини. Следното рочиште е закажано за 10 декември.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира