Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, која беше осудена на 7 години затвор и која од 2021 година е во КПУ „Идризово“, на почетокот на неделата си заминала дома, го напуштила затворот.
„Осуденичката Јанева доби условен отпуст и таа треба редовно да се јавува во Основниот кривичен суд Скопје додека 7-годишната казна целосно не ѝ истече“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот на затворот „Идризово“ Зоран Јовановски.
Претходно и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска доби условен отпуст и предвреме излезе од затворот, каде во женското одделение беше со Катица Јанева, потписничка на обвинението за набавката на луксузниот мерцедес за Никола Груевски, од парите на полицијата, а за кое Јанкуловска ја доби казната.
И таа се јавуваше и разговараше со надлежни стручни лица во судот. Постојат и други услови, како на пример не смее да се стори кривично дело за време на условен отпуст и друго. Казната за непочитување е враќање назад зад решетки.
Во јули 2021 година Апелациониот суд Скопје ѝ ја потврди 7-годишната затворска казна на Јанева, во која се пресметува и времето поминато во притвор од над една година.
Беше осудена заедно со Бојан Јовановски. Тој за рекет од милион евра земен од тогаш осомничениот Орце Камчев, за наводно да влијае врз Јанева да му понуди спогодба и да не оди во затвор, а Јанева за земање мито (кауч) и наводно неколку илјади евра, кои никогаш јасно не се докажаа ни со очевидци, ни со јасни фотографии, а ни со банкарски трансакции или други јасни докази колку што можеше да забележи јавноста зад стаклото во судницата.
По апсењето на Јанева, СЈО се затвори, со поддршка на сите партии во Парламентот. Предметот „Империја“ со Камчев, осомничен па обвинет, продолжи, а тој призна вина и се спогоди, поминувајќи нецела година во затворот во Струга од отворен вид.
Јанева и лани беше пуштана дење да работи во адвокатската канцеларија на син ѝ во центарот на Скопје, а попладне да се враќа во „Идризово“. Но по доаѓањето на новото раководство во Управата за извршување на санкциите, била извршена контрола врз нејзиното работење во која било утврдено дека таа не е на работа кај син ѝ, па ја изгуби таа привилегија.
С. К. ДЕЛЕВСКА



