КОГА МИ ГО ИЗГОВОРИ ИМЕТО, МИ ГО ИЗБРИША ЦЕЛИОТ ЗАМОР И МИ ЈА ВРАТИ НАДЕЖТА, ВЕЛИ Д-Р ПАТРИЦИЈА КАЛАМАРАС ОД „8 СЕПТЕМВРИ“, ЗА БОЛНИОТ ОД КОВИД-19 ШТО СЕ ИЗВЛЕЧЕ ОД РЕСПИРАТОР

    КОГА МИ ГО ИЗГОВОРИ ИМЕТО, МИ ГО ИЗБРИША ЦЕЛИОТ ЗАМОР И МИ ЈА ВРАТИ НАДЕЖТА, ВЕЛИ Д-Р ПАТРИЦИЈА КАЛАМАРАС ОД „8 СЕПТЕМВРИ“, ЗА БОЛНИОТ ОД КОВИД-19 ШТО СЕ ИЗВЛЕЧЕ ОД РЕСПИРАТОР„Горда сум на првиот успех на ниво на нашата држава.Дванаесет дена тим од анестезиолози, интеренисти и медицински сестри од ГОБ „8 Септември“ следеше како тешко болниот ќе ја прифати терапијата. - Д-р Патриција Каламарас (Од приватната архива на докторката)

    Момчето од Скопје на 37-годишна возраст е единствениот пациент заболен од коронавирус кој се „вратил“ од под респираторна машина, а тоа се случи токму во Ковид-центарот во болницата „8 Септември“ во Скопје, откако му бил даден лек „тоцилизумаб“.

    Во „8 Септември“ велат дека се случило чудо со младиот пациент, зашто тој бил во многу, многу тешка општа состојба.

    Шефицата на Одделот за инфективни болести д-р Патриција Каламарас дала одобрување по приемот на пациентот во многу тешка состојба, да му се даде лекот „тоцилизумаб“, зашто по резултатите, тој ги исполнувал условите. Во спротивно, ако не ги исполнувал потребните услови, лекот не би можел да го прими, односно залудно би му се дал.

    „Првиот мој контакт со пациентот кога се разбуди, тоа чувство на среќа јас не можам да го опишам. Го прашав: ‘Дали се сеќавате на мене кога ве примив дента?’ Ми одговори: Да се сеќавам’, по што ми го кажа и името кое ми го запамтил. Целиот замор од овие два ипол месеца ми го избриша. Се чувствувам како да сум прв ден на работа“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК докторката Каламарас.

    Пациентот бил примен околу 16 април, пред 3 недели, високосуспектен на коронавирус.

    „Веднаш беа направени анализи, пациентот беше ставен на компјутер. За неколку дена состојбата нагло му се влоши. Потребно беше веднаш да се стави на респираторна машина. Се активиравме за додатни испитувања по протокол. Се собравме со анестезиолозите во тим, ја дадов идејата – ако ги исполни условите што се по протоколот за лекот ‘тоцилизумаб’, да го дадеме. Соработував и со Клиниката за имунологија, дадов пас да се аплицира овој лек“, раскажува Каламарас.

    Младиот пациент продолжил да биде неконтактибилен на респираторна машина. Дванаесет дена Каламарас и тимот анестезиолози, интернисти и медицински сестри го следеле со контроли и анализи, кои почнале да укажуваат на одличен одговор на лекот. Резултатите се поклопувале со светските стандарди, се покажало уште веднаш дека тимот е на добар пат, лекот делува ефикасно.

    „Можам да кажам дека навистина сум горда на првиот успех на ниво на нашата држава. Веќе чекаме анализи од други пациенти болни од КОВИД-19, за натамошна негова употреба за нивно лекување. Имаме можност да го аплицираме лекот и кај други пациенти, ако ги исполнуваат условите “, вели раководителката на Инфективното одделение.

    Таа додава: „Лекот се дава еднократно, ние го ставивме седмиот ден по приемот на пациентот. Тој не делува магично и веднаш. Ја уништува цитокинската бура која што е погубна за болниот. Буквално бдеевме над него. Полека сите параметри се нормализираа и сфативме дека навистина сме на добар пат. Завчера тој се освести“, среќна раскажува докторката Каламарас од „8 Септември“.

    Лекот што го спаси тешкоболниот е имуносупресивен лек, кој се користи за третман на системско-идиопатски јувелирен артритис, кај пациенти со ревматоиден артритис, а делувал и против интерлеукин 6. Тоа е цитокин, објаснува докторката, кој дава важна улога во имуниот одговор.

    Според статистиката, и во Европа има сосема мал број на пациенти кои биле спасени од респираторна машина, но лекот ‘тоцилизумаб’ дава резултати, поради што беше успешно применет и кај нас. Момчето е свесно, добро се чувствува, но уште ќе мора да биде на интензивна нега, а потоа и на обично одделение во болницата, со пуштање дома нема да се брза, вели Каламарас.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира