Кумановка стравува дека ќе остане без својот дом поради уривање на објект кој е лепенка со нејзината куќа на улицата Моша Пијаде во Куманово. Станува збор за стара турска куќа, поделена на три дела, во која еден дел е напуштен и претставува опасност за околината, па Општина Куманово започнала постапка за негово отстранување. Розита Ѓорѓиевска (56), која единствена живее во делот што граничи со распаднатиот објект, стравува дека со неговото уривање ќе падне и нејзиното живеалиште.
„Ако се урне таа куќа, ќе падне и мојата. Изградени се на ист темел, се потпираат на исти ѕидови и се под ист кров. Плус, мојот дел има и подрум и ако се разниша, може целата да пропадне. Никој не ме извести дека ќе се руши, ниту, пак, направи увид во состојбата на мојата куќа. Куќата е стара околу 200 години, градена е од керпич и дрвени греди и при најмало оштетување постои опасност целосно да падне“, вели загрижено Ѓорѓиевска.
За отстранувањето на распаднатиот објект дознала случајно, по што од Општина Куманово добила објаснување дека постапката е при крај, изготвени се сите документи и наскоро ќе се започне со работа. Работниците веќе го оградиле тротоарот пред куќата.
„Во елаборатот што го изработиле прикажан е само делот што треба да се урива, како да станува збор за посебна куќа, а не за лепенка со уште два дела. При уривањето прво ќе падне мојата, па ќе ја повлече и третата куќа. Ми рекоа дека ќе се работи рачно, а не машински и дека ќе се урива до ѕидот што ја држи мојата куќа. Процесот ќе трае најмалку два до три месеци. Не ми е јасно како физички можат да ги раздвојат двата дела“, вели таа.
Ѓорѓиевска додава дека не е против уривањето на руинираниот дел од куќата, бидејќи последиците од таквата состојба најмногу ги трпи токму таа, па нејзиниот дом е полн со глувци, бубашваби и други инсекти кои навлегуваат преку пукнатините. Во напуштениот дел често се собираат бездомници и наркозависници. Сепак, таа бара да биде соодветно заштитена за да не остане без покрив над глава.
Од Општината ѝ било кажано дека доколку настане штета, таа ќе биде надоместена од фирмата што ќе ги изведува работите. Но, Ѓорѓиевска прашува што ќе се случи ако нејзината куќа целосно се урне и кој ќе има обврска да ѝ го реши станбеното прашање.
„Каде ќе одам ако ми падне куќата? Живеам сама од социјална помош и немам каде да се преселам. Имам сериозни здравствени проблеми и тешко ќе го поднесам и чукањето за време на работите. Барам привремено сместување додека се заврши. Исплашена сум за сопствената безбедност и барам Општина Куманово да го реши проблемот пред да се започне со уривање“, вели Ѓорѓиевска, која доставила барање до Секторот за урбанизам за средба со надлежните.
Од Општина Куманово велат дека постапката за отстранување на објектот на улицата Моша Пијаде број 39 е започната пред повеќе од една година, откако било утврдено дека не е безбеден за околината. Биле искористени сите законски можности сопствениците сами да го отстранат, но бидејќи тоа не се случило, Општината ќе постапува по службена должност. Ги завршиле сите процедури, како изработка на елаборат за заштита на соседните објекти, заштита на локацијата и избор на фирма која ќе руши, а во постапка е донесување решение за отстранување на објектот.
„Куќата на Ѓорѓиевска не е прогласена за склонопадна и нема да се урива. Ќе се преземат заштитни мерки за да не се нарушат нејзините стабилност и безбедност. Сите обврски ги презема фирмата-изведувач, која пред почетокот на работите треба да изврши увид со стручни лица – градежни инженери дали може да се руши. Ќе се одржи и состанок на кој ќе биде поканета и Ѓорѓиевска. Доколку нема услови за безбедно рушење, тоа нема да се изврши, бидејќи изведувачот ќе треба да ја надомести евентуалната штета“, изјави Емилија Сларидис-Јаневска, секретарка на Општина Куманово.
Таа додава дека отстранувањето на руинираниот објект е во интерес и на Ѓорѓиевска, бидејќи потоа ќе може да побара дозвола за реконструкција на својот дом. Нагласува дека сопствениците имаат законска обврска да ги одржуваат старите објекти за да не дојдат во состојба што ја загрозува безбедноста на граѓаните.
Во Куманово има голем број руинирани објекти со препознатлива стара градска архитектура, кои поради нерасчистени имотно-правни односи или голем број наследници се оставени на забот на времето, неповратно пропаѓаат и претставуваат сериозна опасност за јавната безбедност. Во моментот Општина Куманово води постапка за отстранување на четири стари објекти во центарот на градот.
С. НИКОЛИЌ



