Измените на Изборниот законик со кои се зголемува бројот на потписи за учество на граѓанските иницијативи на избори бил правен според примерот во Германија, им рекол претседателот на Собранието Африм Гаши на независните на средбата која ја имале. Како што велат од граѓанските иницијативи, точно е дека во Германија има скалест модел, но квотите се многу помали, за разлика од срамниот предлог на партиите од власта и опозицијата, кој е доставен на усвојување по брза постапка во Собранието.
„Го најдовме условот за Германија. Со тоа што таму има градови, општини, урбани и рурални окрузи. Потребните потписи во Германија се движат меѓу 20 и 240, а во најновиот срамен предлог на партиите, спротивен на одлуката на Уставниот суд и Уставот, се движат меѓу 100 и 3.500. Кога веќе земаат пример од друга држава со развиена демократија, нека го пресликаат целосно, а не само некакви скалести поделби, кои патем ги имавме скоро 20 години неизменети до 2024, кога почнаа опструкциите за независните кандидатури“, велат од граѓанските иницијативи „Шанса за Центар“, „Зелен хуман град“, „Независни за Карпош“, „Поинаку“ од Битола, „Зелените“ од Гази Баба, „Подобро за Тетово“ и „Стига е“ од Струмица, Ново Село и Босилово.
Уставниот суд на 20 мај ги укина измените кои пратениците ги донесоа во март 2024, со кои прагот на потребни потписи за независните кандидати и листи да учествуваат на избори се крена на еден процент од вкупно запишаните избирачи во изборната единица. Но, сега повторно по скратена постапка во Собранието е поднесен предлог-закон за измена и дополнување на Изборниот законик, со кој прагот за потребни потписи се зголемува.
Пратениците од власта и опозицијата по оваа одлука на Уставниот суд пак предложија нови високи квоти, со цел да се оневозможи независните листи да учествуваат на изборите.
Со измени на Изборниот законик се предвидува:
- во општината до 10.000 избирачи најмалку 100 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината.
- во општината од 10.001 до 20.000 избирачи најмалку 200 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината.
- во општината од 20.001 до 30.000 избирачи најмалку 300 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината.
- во општината од 30.001 до 40.000 избирачи најмалку 400 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината.
- во општината од 40.001 до 50.000 избирачи најмалку 500 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината.
- во општината од 50.001 до 60.000 избирачи најмалку 600 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината.
- во општината од 60.001 до 70.000 избирачи најмалку 700 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината.
- во општината од 70.001 до 80.000 избирачи најмалку 800 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината.
- во општината од 80.001 до 90.000 избирачи најмалку 900 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината.
- во општината над 90.001 избирачи најмалку 1.000 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината.
- во Град Скопје најмалку 3.500 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список на подрачјето на Град Скопје.
А. АНТЕВСКА