Вработен во лабораторијата на Клиниката за детски болести е позитивен на коронавирус, но случајот е изолиран и за време на работниот процес е користена целосна заштитна опрема, рече министерот за здравство Венко Филипче, додавајќи дека на четворица од 18 колеги кои биле во негова непосредна близина им е препорачана изолација.
„Во однос на вработениот во лабораторијата на Клиниката за детски болести кој е заболен од КОВИД-19, земена му е епидемиолошка анкета, како и од дел од колегите со кои бил во непосреден контакт. Утре ќе се земат и втор дел од анкетите. Тие најверојатно ќе упатат од каде се заразил лаборантот“, соопшти Министерството за здравство.
Вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 во нашата земја изнесува 908 лица, од кои 86 излечени и 44 починати, 778 се активни. Бројката на заразени здравстени работници e 122, од кои седум се оздравени се вратени на работните места.
На Инфективната клиника се хоспитализирани 57 лица, седум се на механичка вентилација, а 14 се на кислородна поддршка. Стабилна е состојбата на најмалите пациенти, четиримесечното бебе и 2,5-годишното дете. Бебето од Кочани изминативе денови примало посебна поддршка на појачување на тромбоцитите.
Во Градската општа болница „8 Септември“ има 27 пациенти, а шестмина се на респираторна машина.
Во Битолската болница има петмина во добра состојба, а кај тројца деновиве согласно протоколот ќе се направи првиот контролен брис. Во Штип има осум пациенти, сите се стабилни освен еден пациент кому повремено му треба поддршка.
Филипче кажа дека е завршена постапката за набавка на респиратори, и од десет оператори, два ги задоволуваат критериумите, и еден дел од вкупно 31 респиратор ќе стигнат за седум дена, а другите во наредните 30 дена.
Утре на Комисијата за заразни болести ќе се разгледа опцијата да им се дозволи на децата со аутизам движење за време на проширениот полициски час за претстојните Велигденски празници.
„Знам дека е тешко, но ова е нешто што мораме да го издржиме. Има посебна дозвола за лицата со попреченост, но конкретно за децата со аутизам сметаме дека треба да им се дозволи движење со оглед на тоа дека тие имаат веќе востановен начин на живеење и не би сакале да им се наруши“, изјави Филипче.
Во изминатите 24 часа регистрирани се 54 нови случаи. Излечени се 42 пациенти од кои 10 се испишани од Инфективната клиника, а од 32 пациенти 12 се од Дебар и 20 од Скопје кои се лекуваа дома.
Во изминатите 24 часа, на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје починаа четири пациенти на возраст над 60 години, од кои двајца пациенти од Лабуништа, еден пациент од Прилеп и еден од Куманово. Во Градската општа болница „8 Септември“ починаа две лица, пациент од Велес (67) и пациент од Куманово (59)
Новите 54 случаи на КОВИД-19 се од Скопје-13, Куманово-25, Штип -1, Прилеп -10, Тетово -1, Велес -2, Гостивар -1, Кичево -1.
Б. НЕСТОРОСКА