ЛОВОКРАДЦИ ВЛЕГУВААТ ВО СТРОГО ЗАШТИТЕНАТА ЗОНА НА НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК „ПЕЛИСТЕР“, РЕНЏЕРИТЕ СЕ МАЧАТ ДА ГИ ГОНАТ ОТИ Е ЗАПУШТЕН ПРИСТАПНИОТ ФРАНЦУСКИ ПАТ

    ЛОВОКРАДЦИ ВЛЕГУВААТ ВО СТРОГО ЗАШТИТЕНАТА ЗОНА НА НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК „ПЕЛИСТЕР“, РЕНЏЕРИТЕ СЕ МАЧАТ ДА ГИ ГОНАТ ОТИ Е ЗАПУШТЕН ПРИСТАПНИОТ ФРАНЦУСКИ ПАТФранцускиот пат, останат од Првата светска војна, дава полесна контрола и движењето на јужниот и југоисточниот дел од планината, но со години е запуштени со со тоа дел од строго заштитената зона на Пелистер е тешко достапен за противпожарна и друга заштита, како и мониторинг на животната средина. (Фото: СДК.МК)

    Ренџерската служба на Националниот парк „Пелистер“ заедно со полицијата морале повеќе од три часа да се движат во мрак по непристапен терен на планината на надморска височина од 2000 метри за да ги откријат лицата со огнено оружје кои противзаконски влегле во строго заштитената зона во паркот. Ако бил ставен во функција таканаречениот француски пат, останат од Првата светска војна, контролата и движењето на јужниот и југоисточниот дел од планината би биле многу полесни.

    Овој шумски пат кој го поврзува Големо Езеро со грчката граница и има уште два крака кон Брајчино, иако според сите стратешки документи на Националниот парк требало да биде клучна артерија за заштита на природата (противпожарна и ренџерска), за жал, со години е оставен без одржување и денес е запуштен. Со тоа дел од строго заштитената зона на Пелистер е тешко достапен за противпожарна и друга заштита, како и мониторинг на животната средина.

    Двете вооружени лица, кои на 12 август со огнено оружје влегоа на Пелистер и беа фатени пред полноќ кај врвот Голема Грива од вработени на паркот предводени од директорот Тошевски и припадници на СВР по три часа одење по непристапен терен. (Фото: НП „Пелистер“)

    Сегашното раководство на паркот покрена иницијативата за реставрација на постоечкиот француски пат за целиот строго заштитен појас на Пелистер да има контрола каква што заслужува првиот национален парк на Балканот.

    „Неодржуван е патот од Големо Езеро до влезот во Грција и двата крака до Брајчино, Преспа. Никој од вработените во паркот не се сеќава кога последен пат таму поминала екипа за негово одржување. Сите врвовим почнувајќи од најјужниот ‘Ржана, Шкумбирифес, Лош Камен, Баба, Муза, Орлов Врв, па сртот продолжува кон Марушица и Големо Врвче, еден огромен природен амфитеатар во строга заштита, еден од највредните делови од паркот каде има недопрена природа, богата со дивеч, со биодиверзитет, во моментов дел не е пристапен на начин на кој треба за противпожарна заштита и за ренџерската служба“, рече Иванчо Тошевски, директор на Националниот парк „Пелистер“.

    Врвот Голема Грива. (Фото: СДК.МК)

    Францускиот пат е во релативно добра состојба, но е неодржуван и обраснат со вегетација. Тој со мала интервенција ќе се оспособи за противпожарна и ренџерска патрола и ќе се врзе со постоечките патишта на Национални шуми и шумските патишта на Националниот парк кои во едно минато време се користеа за одгледувачки активности.

    Патот и понатаму ќе остане земјен, а ќе се стави во функција исклучиво за заштита и зачувување на природата. Од паркот како невистинити ги отфрлаат обвинувањата од лица на кои не им ни позната планината дека патот се прави за изградба на туристичка населба со вили.

    „Патот што сакаме да го ревитализираме поминува во активна зона на користење каде се дозволени активности за негово уредување согласно Законот за заштита на природата и менаџмент планот, исто и езерото Рупа кое ќе го конзервираме е во активна зона на управување, па дозволени се активности за реставрација на живеалишта. Ако го имаме тој пат ќе имаме целосна контрола на зоната на строга заштита зашто патот поминува висински над неа и таму со ситни инфраструктурни решенија со поставување на термо камери за пожари, мониторинг, ние за првпат ќе имаме контрола врз тој појас“, рече Тошевски.

    Патот за Брајчино. (Фото: СДК.МК)

    Двете вооружени лица, кои на 12 август со огнено оружје влегоа на Пелистер и беа фатени пред полноќ кај врвот Голема Грива од вработени на паркот предводени од директорот Тошевски и припадници на СВР, се препоставува дека биле ловокрадци.

    „Зошто немаме ловокрадци од другата страна на планината, кај локалитетот Бегова Чешма, кај Широка? Затоа што има пат, проток на луѓе, планинари и не може да обавуваат незаконски работи. Од другата страна, сведоци бевме на луѓето кои најверојатно имаа намера да ловат. Ако ние имавме пат до тој дел, во текот на денот ќе можевме да извршуваме една или две патроли и ќе беа поставени камери. На планина не важат истите правила како во урбана средина, таму не може да се дигне дрон зашто има ветриви од 60 до 70 и повеќе километери на час, па патот е нужна потреба“, велат од Паркот.

    За обновување на францускиот пат се очекува да помогне и Владата, а битолски планинари веќе ја поддржале иницијативата и изразиле подготвеност да помогнат финансиски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира