Германската авиокомпанија „Луфтханза“ во јуни ќе ги укине летовите од Франкфурт за Скопје. Според достапниот резервациски систем, сите планирани летови во јуни се откажани, а последниот лет меѓу двата града е закажан за 31 мај.
Компанијата со интерно соопштение во Групацијата извести дека меѓу повлечените летови за јуни од резервационите системи е и Франкфурт – Скопје а патниците во тој период ги пренасочува преку Виена со летовите на „Аустриан“ што е исто така дел од истата групација „Луфтханза“.
Според специјализираната веб-страница за авиосообраќај „Екс-Ју авиејшн“, најверојатно станува збор за привремено укинување на линијата. Можно е компанијата да се врати во Скопје на 1 јули со ажуриран ред на летање, но засега во резервациските системи нема слободни седишта за продажба на таа линија. Редот на летање за јули сè уште не е целосно финализиран.
До крајот на мај „Луфтханза“ ќе лета секој ден меѓу Франкфурт и Скопје, а понекогаш и по два пати, бидејќи кон крај на месецот фреквенциите ќе се зголемат на девет до десет летови неделно. Пред ревизијата на распоредот оваа недела, авиокомпанијата планираше во текот на јуни да оперира со десет неделни ротации меѓу Франкфурт и Скопје.
Во април компанијата беше погодена од штрајкови на екипажите, затворањето на подружницата „Ситилајн“ со приземјување на 27 авиони, сето тоа комбинирано со неизвесноста околу растот на цената на керозинот поради војната на САД и Израел со Иран.
Авиокомпанијата направи големи измени во редот на летање од своите главни бази во Франкфурт и Минхен со кратење на над 900 летови неделно во јуни и по околу 250 летови помалку од предвидените во јули, август и септември.
„Луфтханза“ почна да лета меѓу Франкфурт и македонскиот главен град кон крајот на април 2023 како корисник на владини субвенции за нови линии кои траеја до декември 2025.
Во текот на изминатава зима, компанијата веќе направи значителни кратења на операциите кон Скопје, намалувајќи ги фреквенциите од планирани десет неделно на само три неделни ротации во февруари и март.



