Македонија е во првите пет во Европа според растот на бруто домашниот производ, забележа раст на индустриското производство од 7,6% во однос на април минатата година, како и намалување на невработеноста во изминатите 21 месец, објави премиерот Христијан Мицкоски, повикувајќи се на најновите податоци од Државниот завод за статистика (ДЗС). Тој истакна дека податоците за растот на бруто домашниот производ се преземени од Евростат, при што Македонија се наоѓа само зад Малта, Полска и Србија.
„На едната табела е вредноста на растот на бруто домашниот производ според Евростат. Значи, ова не го вели вели Владата, не го вели Христијан или партиите, туку Евростат. Според Евростат, ние сме на петтото место споредено со државите за кои што растот е објавен, веднаш зад Данска, Малта, Полска и Србија. На другата табела се наоѓа остварениот резултат кога станува збор за раст на на бруто домашниот производ, но практично се усогласени параметри. И тука се Данска, Малта и Полска, па ние, па Србија. Така што, ако се анализираат двете табели на Евростат, ќе дојдеме до заклучок дека седмиот квартал по ред остваруваме раст на бруто домашниот производ“, кажа Мицкоски.
Што се однесува до индустриското производство, во април оваа година било поголемо за 7,6% во споредба со април лани, според ДЗС.
„Во првата третина од 2026, како ретко која држава во Европа, имаме индустриско производство кое е во позитива. Мала, од 0,2%, но не е во негатива, во услови на епски најголемата енергетска криза во светот“, рече Мицкоски.
Тој се пофали и дека во првите 21 месец од работењето на оваа влада, невработеноста во државата се намалила од 12,5% на 11,7% и биле креирани 16.000 нови работни места.
Министерката за финансии Гордана Димитриевска-Кочоска кажа дека владата во целост ја исплатила еврообврзницата од 700 милиони евра издадена во 2020 година.
„Во февруари предвреме отплативме дел од оваа еврообврзница во износ од 383,7 милиони евра, а остатокот минатата недела. Со ова во целост го затворивме процесот на отплата на еврообврзницата издадена во 2020 во вкупен износ од 700 милиони евра плус камата. Од доаѓањето на оваа влада во 2024, за неполни две години, сервисирани се обврски во вкупен износ од 4,6 милијарди евра. И во наредниот период продолжува процесот на управување со обврските кои доспеваат за отплата и се во износ од девет милијарди евра“, рече таа.
Г. КОНЕВ



